
Пишува: Џилијан Квинт, за PureWow
Одвреме-навреме многу мислам на есејот на Нора Ефрон „On Maintenance“, во кој пишува за тоа како физичкиот живот на жената постепено се претвора во низа поправки и корекции - за да не ризикува полека да исчезне од видикот. Ви текнува… фарбање на кршливата, побелена коса; затегнување на тажната, опуштена брада; стругање на задебелените, испукани стапала што со секоја година стануваат сè помалку човечки, а сè повеќе троловски.
Дваесетгодишната верзија од мене никогаш не би помислила дека ќе западне во таа трка. А сепак, еве ме сега - во четириесеттите, како ги фарбам корените на секои пет недели, давам ненормални суми пари за третмани што ветуваат затегнување, измазнување и „подмладување“, и генерално трошам неприродно многу ментална енергија за барем да изгледам - пристојно.
Можеби токму затоа толку ме изненади и израдува мојата неодамнешна љубовна афера со Крокс - обувка (ја викаме ли воопшто така?) што апсолутно ништо не прави за да ја зачува младешката женска привлечност. Ако ништо друго, асоцира на смотаност, асексуалност и целосно откажување од стил. Можеби се обидувам да го вратам времето на лицето, ама очигледно сум сосема подготвена да кренам раце кога станува збор за стапалата.
До Крокс стигнав на истиот начин како многу мои врсници со „сериозни“ чевли - преку децата. Моите деца одамна се опседнати со тие пластични кломпи полни со Jibbitz украси, нешто помеѓу градинарски папучи, обувки за вода и ортопедско помагало. Мојот 11-годишен син ги сака затоа што му се удобни, ама искрено - му се допаѓа и изгледот. Ги носи во sport mode, со бели спортски чорапи и широки мрежести шорцеви спуштени ниско на колковите - таа Генерација З и Алфа униформа што ние родителите, очигледно, не треба да ја разбираме.
Некое време живеевме во совршена рамнотежа: јас им се потсмевав за Кроксите, тие ги оставаа Кроксите пред влезна врата за некој да се сопне на нив. А потоа нешто се случи: син ми почна да носи ист број чевли како мене, а јас почнав „само накратко“ да ги пробувам неговите Крокс. Прво ги облекував само за да го фрлам ѓубрето. Потоа за брзо до кола. И одеднаш, си шетав низ град во „војничките“ Крокс на петтоодделенец, како некоја мешавина од медицинска сестра од ургентен центар и Тејлор Свифт, „скокајќи“ до продавница на аголот или кај соседите во џемпер од Џени Кејн и панталони.
Ако сте на сериозен деловен повик со мене, да знаете дека ги носам токму во овој момент - моето тивко „ме заболе“ упатено кон опседнатоста со добро стареење.

Знаев дека имам проблем затоа што а) Крокс не се кул и б) син ми постојано ме молеше да му ги вратам. Но факт е дека беа неверојатно удобни. Нема да навлегувам во трагедијата на моите стапала, ама боже мили! Просторот за прстите! Перничињата! Тој кралски комфор каде сѐ си има свое мало перниче! Како човек што трча, нозете и петиците често ми се уморни, а со секое носење на Крокс чувствував како стапалата буквално сами си закрепнуваат.
И така… си купив еден пар. Ги купив во боја за која мислев дека ќе биде некоја софистицирана праска нијанса, а излезе - како што вели маж ми - жолта како Роналд Мекдоналд. И ги обожавам. Ги носам со фармерки, ги носам со фустани. Ги носам со чорапи, ги носам и боса. Тие се првото нешто што моите стапала го допираат наутро и последното што го гледаат навечер. Ако сте на сериозен Зум повик со мене, знајте дека веројатно ги носам и тогаш - мојот мал, тивок бунт против тоа што значи „достоинствено“ стареење.
Па да, паѓам и јас на двојните стандарди за убавина што ги следат сите жени. Но, на мој начин, моите Крокс се мојата малку блесава форма на пуштање работите да одат во бестрага. Ботоксот, или што и да е модерно слободно нека ми го земе лицето, ама стапалата нема никогаш да ми ги земете.