Жените се повторно воодушевени од Меган Маркл

Овој пат, заради феминизмот во нејзиното прво појавување со бебето.

Сега ќе се објасниме.

Светот никогаш нема да се умори од читање меѓу редови, копчиња и фризури, нели? Ај, овој пат е за симпатична работа.

Меган Маркл и принцот Хари му направија премиера на бебето пред светот што стоеше на една нога уште откако се објави дека Маркл е трудна. И оваа прес конференција имаше нешто што претходните хај-профајл пресови го немаа. Неколку детали ги натераа жените ширум светот да воскликнат и да се пронајдат во Маркл.

На пример:

Облеката

Маркл е облечена во блејзер-фустан на Живанши, некако бизнис, шик и најбитно - со појас околу струк, па дефинитивно ѝ се гледаше стомакот. Ова е важно затоа што обично жените ги охрабруваат да го сокријат стомакот после породување, што на Маркл очигледно не ѝ било богзнае колку важно.

Кејт Мидлтон носеше широк фустан што ѝ ја криеше линијата на телото, а и принцезта Дијана така слично го реши тоа (или ѝ го решија). Ова им е малку климаво за радување, затоа што Мидлтон можеби сама си избрала да не се пика во појаси околу струк затоа што можеби и било преку глава од РАЃАЊЕ, а во времето на Дијана баш и немаше некој избор и свест за тоа како може некој да се облече после породување.

Сепак, луѓето се среќни дека Меган не се ни обидела да го сокрие тоа и луѓето добиваат порака - телото после породување не е табу.

Тајмингот

Најновото кралско бебе дојде на свет околу 5 часот наутро во понеделник, но пресот го одржаа два дена подоцна. Меган и Хари најавија дека само информации ќе даваат од почеток, а бебето ќе го прослават заедно како семејство прво, па потоа со светот.

До сега, сите бебиња ги ваделе надвор неколку часа откако дошле на свет.

Принцот го држеше бебето

Не дека е којзнае каква вест таткото да си го држи новороденото бебе, слично беше и со Чарлс, само што - ретко им се случува.

Во сите три наврати, Кејт Мидлтон си ги држи бебињата, а Вилијам носи нешто за во кола, демек - практичен е. Тоа што Хари го држи бебето на премиера, покажува каков родител планира да биде - присутен и инволвиран. Меган Маркл чекори сама, се смешка и потоа заштитнички го прергнува сопругот како само уште еден доказ на, како што ќе каже магазинот Ел, „промена на една динамика.”

Се разбира, сето ова може да е коинциденција. Рековме, фраерски фустани за родилки не ни имаше во ’80-ти, Кејт може ја мрзело да носи тесно, а Меган можеби ја болел грбот, па Хари го држел бебето, но… Поарно да ги ловат новинари и да ги сакаат отколку да ги масираат како што имаат навика да им ја масираат цела фамилија.

А луѓето се радуваат на нивната индивидуалност и играњето по сопствени правила - што, за волја на вистината можеби е луксуз што можат да си го дозволат затоа што не родија иден крал.

8 мај 2019 - 18:10