Жан Пол Готје се поклони

Готје на светот му го поклони неговото последно шоу, и беше токму такво какво што се очекува од него.

Легендарниот провокатор се поздрави со нас вчера, со едночасовен музички спектакл со оркестар и стотици луѓе во екипа, си ги прослави пријателите и неверојатните креации што го направија ѕвезда.

Шоуто почна со две конусни гради кои излегуваат од црн ковчег, како шега за тоа дека конусниот градник што го носеше Мадона, најверојатно на Готје ќе му заврши на гроб.

Бој Џорџ ја затвори велелепната претстава, а кога излезе Готје на крај, публиката (составена од крупни имиња и модни ентузијасти) стана - Готје излезе во син работен комбинезон, ист како што носеше цел негов тим кој го појавија на сцена откако се крена завесата.

Двеста дваесет модели го носеа на рамо, во позадина свиреше Church of the Poison Mind на Culture Club, како драма достојна за ликот што славеше позитивно размислување и родова флуидност многу пред тоа да стане модерно и неподносливо како што е денес.

Пред да си отиде, Готје одржа многу важно предавање:

„Има премногу облека и премногу облека што никогаш не се носи. Не ја фрлајте, рециклирајте ја,“ рече и објави дека неговата последна колекција е унапредена со рециклирање во висока мода. „Кога бев дете, мајка ми ми покажа како ги преправа старите износени панталони на татко ми во сукњи. Тоа ми влијаеше. Можеш повторно да се вљубиш во некое парче ако го трансформираш. Тоа го правам од… Од првата ревија, а оваа ми е последна и креациите се направени од фармерки што сум ги носел. Најубав материјал. Како и многу луѓе, станува уште поубав како што старее.“

Секогаш прекрасно шарен и храбар, Готје уште од почеток руши стереотипи за род и конвенционални идеи за убавина - еднаш за аудиција побарал „атипични модели“, со текст „Деформирани слободно да се пријават“, а знаете колку беше тоа неочекувано во ’80-ти и ’90-ти. Им бил како татко на многу врвни дизајнери, но смета дека модата „ужасно многу се сменила“.

Тие што му се радуваат и истовремено плачат што може нема да видат ново од него, се надеваат (и тврдат) дека ќе се префрли на филм. Што, ич, ама ич нема да ни биде проблем:

Види: Разговор со Жан Пол Готје

23 јануари 2020 - 13:03