
Наспроти сè помасовните уживатели во филери, ботокси и хијалуронски киселини, исправено стојат оние претпазливите, што ти пикаат чивија дека „кујзнае што штета прави тоа”, плус „од кај знаеш дека е безбедна ласерската корекција на вид, не се поминати доволно години за да се провери тоа,” и уште еден куп други плукања по веќе вообичаени, но сепак релативно нови процедури.
Е сега, конечно аргумент на нивна страна: некоја кутра жена во Австралија го изгубила видот во едното око поради неправилно ставен дермален филер.
Ова е прв ваков случај во Австралија. Било во април оваа година и веднаш ја донеле во една болница во Сиднеј, но било предоцна и лекарите не можеле да ѝ го спасат окото.
Офтамологот д-р Џон Дауни вели дека, иако ретко, ризикот од слепило е возможен поради многуте крвни садови околу окото и носот и нивната поврзаност со крвните садови околу рожницата. „Филерот или некоја друга супстанца која се инјектира во овој дел од лицето во или под кожата околу окото и материјалот што се вбризгува може да ги блокира крвните садови кои се поврзани со окото.”
Досега на ниво на свет, 98 луѓе ослепеле поради филер. Жената од приказнава изјавила дека филерот ѝ го ставила сестра во салон за убавина, без докторот да биде присутен, што не е невообичаено во денешно време. Сè повеќе луѓе се одлучуваат да одат во салони за убавина, наместо да се обратат кај доктор специјалист за таа проблематика.
„Слепилото е екстремно ретка компликација кога се работи за филери,” објаснува окулопластичниот хирург Јасмин Мохаџер, и додава дека ризикот се сведува на минимум доколку пациентот истражи како што треба. „Мислам дека без разлика што се работи за неинвазивна процедура, пациентот треба да ја сфати сериозно и да побара место со висока репутација. Тој што ја прави процедурата мора да биде квалификуван, обучен, со сертификати и добро испраксиран во анатомијата на областа на која работи.”
А не само што не истражуваат, не само што се пикаат по сомнителни салони, туку и по подруми одат, ви текнува?