Има една болна тема во нашево општество што најдобро се опишува со „што ќе речат другите“. Нормално, не треба да се однесуваш како нездрав и да правиш глупости што ќе ти наштетат тебе, или на некој друг, но за толку банални нешта се кочиме поради мислењето на околината, што добредојдени се сите размислувања на тема зошто не треба така.
Локално уште се мачиме со седнување сам на кафе, или на ручек, а ич да не одиме до одбивање на бракот како концепт, работење несекојдневна работа, или учење на „непрактичен“ факултет. Сега и крукче свртевме, па наместо да цениме рачна изработка и занаети, гледаме на нив од високо, како да ќе имаме кај да живееме да не се занаетчиите.
Главната лекција што може да се извлече од книгата The Courage to Be Disliked од Кишими и Кога е дека нашата несреќност главно потекнува од зависноста од одобрување - другите да нè одобрат. Според авторите, емоциите и среќата доаѓаат од целите што ќе си ги поставиме, особено во односите со луѓето. Кога сакаме другите да нè перцепираат позитивно, тогаш стануваме робови на нивните очекувања, што пак води до штета на личната слобода.
Вистинската среќа лежи во храброста да живееш по сопствени вредности, без да се плашиш дека некој „не те сака“. Со отфрлањето на таа постојана трка со „препознавање по добро“, можеме да се фокусираме на позитивното влијание што го имаме врз другите и да дојдеме до баш автентична среќа.