Време е да легализираме проституција

Луѓето си го продаваат телото на легални начини секојдневно. Порнографијата е легална, исто и егзотичното танцување. Секојдневна појава е луѓе да бидат во врска со побогати партнери, за да имаат бенефит од тоа богатство. Зошто овие примери се социјално прифатливи, па и охрабрувани, а проституцијата се смета за толку ужасна?

Аргументите против оваа чувствителна тема најчесто се вртат околу грижата за здравјето и безбедноста на жените и оваа загриженост не е неоснована. Проституцијата е неверојатно опасна професија за (главно) жените кои се инволвирани; сексуален напад, принудна зависност од дрога, физичко малтретирање и смрт се честа појава во индустријата, а на жените кои работат во неа им е многу тешко да напуштат. Многу сексуални работници биле продадени како бело робје од многу млада возраст и немаат ресурси да избегаат од принудната проституција, или почнале по свој избор, за на крај да завршат како бело робје. И бидејќи проституцијата скоро секаде е нелегална, едвај да има закони што ги штитат проститутките; многу од нив се плашат да побараат помош затоа што тоа може да доведе до апсење, а тие што се осмелуваат биваат уапсени, па мораат да се борат со стигмата на кривично досие, кога ќе се обидат одново да се интегрираат во општеството.

Зошто тогаш реакцијата на таква опасна индустрија е да се закопа уште подлабоко, подалеку од општествените ресурси и правната заштита?

Кога луѓето се расправаат зошто проституцијата треба да остане нелегална, во многу случаи се повикуваат на морал, презентиран како грижа за здравјето и безбедноста на жените. Веруваат дека легализирањето само ќе доведе до злоупотреба на уште повеќе жени, ќе им стане потешко да излезат од индустријата, или младите ќе ги научи дека телата им постојат за единствената намена да бидат сексуално експлоатирани од мажи.

Но, легализирањето на проституцијата има и позитивни страни за сексуалните работници низ Европа. Најпознатата земја што легализираше е Холандија, каде што сексуалната работа е легална речиси 20 години. Со тоа што ја изнесоа индустријата надвор од црниот пазар и наметнаа строги правила, безбедноста на сексуалните работници се подобри. Од борделите сега се бара да вадат и да обновуваат дозволи за безбедност и хигиена за да можат да работат, а уличната проституција е легална и сериозно регулирана на места како Улицата на црвените фенери. Не само што сексуалната работа станува побезбедна кога е регулирана, туку легализацијата го искоренува црниот пазар што постои за неа, и со тоа во целост ги прави жените побезбедни. Исто така, не се жигосани како криминалци, па имаат подобар пристап до правниот систем и се охрабрени да пријавуваат однесувања кои се опасни за нив и за другите жени во индустријата. И на крај, легализацијата ќе обезбеди многу други позитивни надворешни работи - се плаќа данок, се намалуваат сексуално преносливите болести и се пренаменуваат ресурси за полицијата.

Секако, напорите на различните европски земји да легализираат се далеку од совршени. Во Холандија, одредени компоненти на законот, како на пример барањето да се регистрираат и минималната возраст да биде 21, може да натера многу од сексуалните работници да се придвижат кон нелегалниот пазар. Има дури и студии што покажуваат дека легализацијата може да доведе до повеќе појави на бело робје. Сепак, дури и критичарите ги препознаваат бенефитите, и ако владите поминат повеќе време во слушање на сексуалните работници, резултатите ќе донесат безбедност, сигурност и почит за еден дел од населението што традиционално не ги добива тие работи.

Релативно скриената причина поради која луѓето не се согласуваат со декриминализирање на проституцијата е дека ја гледаат како неморална затоа што инволвира жени што си го продаваат телото за финансиска придобивка. Но, да им кажуваш на жените што треба, а што не треба да прават со своето тело не доаѓа од морални побуди - доаѓа од желба за контрола.

Луѓето си го продаваат телото на легални начини секојдневно. Порнографијата е легална, исто и егзотичното танцување. Секојдневна појава е луѓе да бидат во врска со побогати партнери, за да имаат бенефит од тоа богатство, без разлика дали бараат брак со богати, или она што се вика шугар-дејтинг (спонзоруши). Често се случува и луѓето да останат во несреќни врски затоа што не сакаат да ја изгубат финансиската стабилност, или да потрошат пари на развод.

Значи, која е разликата? Зошто овие примери се социјално прифатливи, па и охрабрувани, а проституцијата се смета за толку ужасна?

Разликата е што во ваквите случаи, лесно им е на луѓето да се преправаат дека инволвираните жени не го продаваат телото директно. Лесно е да се преправаш дека порно-актерите и актерките се само луѓе што имаат секс, а на јавноста ѝ е само дозволено да гледа. Лесно е да се преправаш дека стриптизот не е продавање на телото, затоа што нема директен сексуален акт. И лесно е да се преправаш дека тие што се во врска со богати партнери се со нив и од други причини освен финансиска сигурност.

Проституцијата не ѝ дозволува на општата јавност да добие нешто од овие претензии. Напротив, искрена e околу директната поврзаност на сексот и парите. И за многумина, ова е непријатен факт. Уште понепријатно им е да поверуваат дека жените треба да имаат контрола над своите тела што ќе им овозможи доброволно да се проституираат. Не можат да си дозволат да поверуваат дека жените би избрале таква професија. А сепак, наместо да се препознае оваа реалност, тие што се противат на легализацијата даваат аргументи за безбедноста. Не сфаќаат дека криминализацијата не им помага на сексуалните работници и нивните аргументи водат до закони што им штетат на жените, а се кријат зад маската на помагање и заштита.

Наместо да ги принудуваме сексуалните работници да го работат својот бизнис во нерегулирани црни пазари каде што животите им се во опасност, сè зад едно лажно „спасување жени“, треба да преземеме реални дејства за да ги спасиме. Да ја легализираме проституцијата, да наметнеме строги правила и да конструираме системи за поддршка што ќе им овозможат на сексуалните работници безбедно да ја вршат својата работа.

Желбата да се заштитат жените од сексуална злоупотреба секогаш ќе биде валидна, треба дури и да биде пораширена. Она што не е добро е да се бориш против легализацијата за, наводно, да се заштитат жените, а всушност се работи за неудобност и непријатност во врска со жени кои отворено имаат сексуални односи за финансиска придобивка.

Ако ви е непријатна идејата жените да имаат секс за пари, тогаш треба да имате проблем и со порнографија, со стриптиз и со луѓе што се во врски за пари. Ако немате проблем со сите овие социјално прифатливи практики, но имате проблем со проституцијата затоа што е „морално проблематична“, тогаш го губите правото на било каков форум каде што се носат одлуки за безбедноста и правата на жените.

15 август 2024 - 13:32