Ворнер Брос мораше да им се извини на луѓето со посебни екстремитети

Многумина имаа проблем со фактот што Ен Хатавеј, во римејкот на „Вештерки“ има по три прсти на секоја дланка и Ворнер Брос објави извинување што „посебните екстремитети“ се прикажани како страшни во филмот.

Филмот го има овој детаљ, што го нема во оригиналната книга на Роалд Дал, а ни во првата адаптација со Анџелика Хјустон. Јавноста реагира дека ова промовира стигма кон одредени инвалидитети.

„Размисливте ли малку за тоа како ова претставување на различните екстремитети ќе влијае на заедницата со различни екстремитети?“ праша параолимпијката Ејми Марен. „Ме вознемирува што гледам како нешто што го прави човек поинаков се претставува како страшно. Ова отвора тешки дискусии за тие со различни екстремитети и нѐ уназадува во идејата за славење себеси.“

По ова, луѓе од оваа заедница, под хаштагот #NotAWitch, објавуваа слики од нивните раце и нозе, во обид да ја освестат јавноста дека „поинакво“ не значи и „страшно.“

Претставник од Ворнер Брос, во изјава за Дедлајн напиша:

„Длабоко жалиме што нашето претставување на измислените ликови во Вештерки би можело да ги вознемири инвалидните лица и жалиме за навредата. При адаптирањето на оригиналната приказна, работевме со дизајнери и уметници за да смислиме нова интерпретација на мачковидните канџи кои се опишани во книгата. Не ни беше намерата некои од гледачите да помислат дека имагинарните, нечовечки суштества требало нив да ги претставуваат. Филмот е за моќта на љубезноста и пријателството. Се надеваме дека семејства и деца ќе можат да уживаат во него и да ја прифатат неговата моќна порака исполнета со љубов.“

6 ноември 2020 - 09:22