Некои почнуваат за да си олеснат затоа што се анксиозни, некои почнуваат да експериментираат, за на крај да сфатат дека се чувствуваат општо подобро по запишување нешто, некои едноставно сакаат да имаат потсетник после години. Хаштагот има 7,7 милијарди прегледи на ТикТок и многумина сведочат дека е корисна алатка кога се работи за справување со менталното здравје. Експертите се согласуваат дека запишување на мислите може да биде моќна вежба, иако, како и со други вежби, не мора да значи дека на сите ќе им одговара.
Најбазичната форма е запишување не само на дневните активности, туку и рефлексија на мислите и емоциите во текот на денот. Бенефитот е дека ти помага да излезеш од затворениот круг на „лоши мисловни циклуси“ со тоа што ќе се охрабриш да се навратиш на твоите реакции на одредени ситуации наместо да „катастрофизираш“ на начин што не помага.
Со пишување се креира дистанца за да се погледнат мислите на пообјективен начин. Често им приоѓаме на мислите како на факти, а тоа ни носи проблеми. Со запишување, можеме да прочитаме нејасна мисла од надвор, како набљудувач, па да створиме алтернативен начин на гледање на работите.
Според некои психолози, водењето дневник обезбедува трајна врска со себеси, и навика да се слушаш, а добредојдено е и како потсетник на добрите нешта шрто ти се случуваат во животот, ако запишуваш за што си благодарен.
На крај, дневникот може да ти помогне и да ги видиш нештата што ти доаѓаат, како и тие што не ти одговараат. Едноставно ти овозможува самиот да дојдеш до одговори до кои инаку можеби не би дошол.
Нема штета во обидот, но има шанси човек да не се пронајде во тоа. Некои почнале да се радуваат на запишувањето само откако си нашле дежурни прашања од типот „Кога најмногу се чувствуваш свој/а?“ и одговарање на прашањето. Истовремено, треба да научиме да ја препознаеме фрустрацијата во одреден момент и да не ја мешаме со одбивање да напишеме нешто.
Сепак, ако запишувањето едноставно не ви одговара, има нешто што се вика „уметничко водење дневник“. И ова е популарно - не се пишува, туку се прави што сакаш - лепиш, црташ, користиш разни материјали, и сето ова како начин да изразиш што ти се случува во глава и не постои добар или лош начин да се изведе.
Фрустрацијата со водењето дневник доаѓа од чувството дека „мораш секој ден“, инаку нема бенефит. И да, некои луѓе уживаат во секојдневно запишување, но во ред е да бидеш и нередовен - можеби е неколку пати месечно, можеби поретко, можеби почесто, но бенефитот си стои, затоа што низ годините можеш да ги разгледаш шемите што ти ги мести животот.
Не постои вистински режим за ова - правиш онака како што најмногу ти одговара.