Во '60-ти имало многу похрабро монокини од ова денес

Денес монокини се вика оној костимот со многу отворени препони (што е уствари многу добар), само што, за разлика од првото монокини, современиов ги покрива градите. Во ’60-ти имале друга замисла.

Првото монокини, дизајнирано од страна на авангардниот Руди Гарнрајх било топлес, поради неговата (многу точна) претпоставка дека градите веќе ќе бидат надвор за пет години од тогаш.

Дизајнот не прошол којзнае како во Америка, затоа што луѓето експертски, како и секогаш кога им е нешто незгодно, со првата манекенка која позирала во него, се справиле со тоа што ѝ праќале закани по живот. Костимот подобро се снаоѓа во Париз, на легендарниот базен Piscine Molitor, каде што 20 години порано, во 1946-та прв пат се претставува и првото бикини.

Само да видам нешто.

Во архивата на LIFE има фотографии од Дафне Дејл која позира во костимот и еден куп гладни новинари околу неа

Една од фотографиите станува славен симбол на екстремниот дизајн во ’60-ти, истовремено начнувајќи го прашањето дали на мажите и жените треба да им биде дозволено еднакво откривање над струкот. Коментарот на Спортс Илустрејтед во 1962-ра е дека Руди Гарнрајх „претворил трико за танц во костим за капење кој го ослободува телото. И во процесот на создавање, ги извадил жиците кои ги правеа американските костими обични корсети за пливање.”

Уште нешто да видам.

А со овој разголениов, се почнува во 1963-та, кога уредничката на списанието Look бара од Гарнрајх да направи костим кој ќе одговара на еден футуристички тренд. На договорената фото-сесија на Бахамите, сите пет манекенки одбиле да го облечат, па фотографот морал да убеди една локална проститутка да го проба. Во Look бил објавен само задниот дел. Уредничката Сузан Киртленд потоа го убедува Гарнрајх да го произведува дизајнот за комерцијални цели и да го направи достапен за јавноста.

Уште една причина за историската важност на ова монокини

Во јуни, 1964-та, пи ар менаџерот на ноќниот клуб Кондор во Сан Франциско на една од келнерките ѝ го дава монокинито за еден нејзин настап. Во тој момент, таа келнерка, Керол Дода - станува првата современа топлес танчерка во Америка. Во рок од неколку дена, жени низ многу клубови во Сан Франциско се фаќаат за монокинито, со тоа повторно оживувајќи ја ерата на бурлеска од раните години на 20-тиот век.

Колку се среќни.

Заради луѓе слични на оние со заканите по живот од погоре, во 1965-та, Керол Дода ја апсат за непристојност и со тоа предизвикуваат протест пред полициската станица - со што Дода станува симбол на сексуална слобода.

Денес не сме го начекале топлес монокинито затоа што популарноста му завршува во ’70-тите. Од тогаш, често му се навраќаат заради оддавање почит и го имаат облечено и Кејт Мос и Летиција Каста.

Среќно пливкање.

Зошто да го сакаме Руди Гарнрајх?

Нели, во случај да не ни е доволно ова со сексуалната слобода: негов е и дизајнот на она што денес го знаеме како прслук со меки корпи и без шавови. Тој го нарекува No-Bra прслук, направен од прозирен, растеглив материјал, без жици или било какви линии. Во 1972-ра дизајнира уште еден што може да се навлече преку глава. И токму Руди е виновникот што денес наместо шпицасти корпи како куршуми (или конуси, како сакате), имаме корпи што ја пратат природната форма.

7 февруари 2018 - 11:43