Ако не е на Фејсбук, „не се десило“. Реченица (глупа), чуена богзнае колку пати низ годиниве, од непријатно голем број луѓе. И да објавиш фотографија од дневните активности на социјална мрежа е како да кажеш „добар ден“ кога ќе влезеш во продавница. Сè се споделува - каде сме, каде одиме, што јадеме, што сме виделе, што е убаво, што е грдо - и по можност и слика да има, од лице место.
Не дека има лошо во тоа, такво време е дојдено и објавувањето детали од сопствениот живот стана вообичаена работа. Но, меѓу сите тие објави, често има и слики од парови направени специјално за да се види колку љубов има таму, неретко во придружба на текстуално дообјаснување на количеството љубов. И тоа знае да биде во ред, но има граница - претераното споделување на интимата на социјалните мрежи на суптилен начин покажува дека во врската нешто не е во ред.
Постои истражување спроведено на 108 парови на универзитетот Нортвестерн со занимливи резултати - се покажало дека луѓето поинтензивно споделуваат љубовни статуси и слики кога не се сигурни дали „подобрата половина“ ги сака.
Паровите чија љубов на медиум е „неуништлива“, всушност во реалниот живот се далеку од среќа. Истражувањата покажуваат и дека самите социјални мрежи се често алатка за лажно фалење, и се разбира - за конрола на партнерот (што лајка, што коментира, што споделува, а напредните знаат и со кого се допишува).
И на крај, за исклучоците - ако кај некого станува почесто споделувањето љубовни ствари, не мора да значи дека во секој случај има проблеми - некои луѓе се едноставно вљубени, среќни и реална причина да не го споделат тоа нема.
Па, сепак - не за џабе се исклучоци. Правилото е за жал, научно докажано.