Викторијас Сикрет не се потресува многу околу БЛМ

Напротив. Веќе не можат ни глава да дигнат - според Диет Прада, „одбиваат да си одат мирно“ и наводно се служат со безобразлуци додека им се може.

Неодамна се појавија два модели на гаќи на сајтот на ВС, со детали кои се многу слични на еден бренд во сопственост на црнци - Еџ О Бијонд. Брендот потекнува од Велика Британија, а во својата колекција има мотиви од везени цветови преку колкот, мрежа преклопена преку црн ластик и мали златни прстенчиња што прават синџири.

Сето ова ВС го имаат ископирано, и за жал, или за среќа, постојат докази. Во историјата на нарачки на Еџ О Бијонд, лани во март се гледа нарачка од вкупно 1150 фунти, и тоа од споменатите модели, од муштерија кој има исто име и презиме со координаторот на креативни работи во ВС.

„Кога големо име како Викторијас Сикрет за време на БЛМ лови независен бизнис во сопственост на црнци и потоа искористува работници со црна и кафена кожа за изработка, го доживуваш тоа како ОГРОМЕН шамар,“ вели основачката Наоми де Хаан.

А не е ни единствена што ВС ја имаат фатено на радар.

Пред некој ден, основачката и дизајнерка на @dbleudazzled, Дестини Блу од Лос Анџелес, забележала чудна дискрепанца во една нарачка - S градник и гаќи, но со различна боја на украси и уште еден градник XL, кој бил последно парче што било достапно од тој модел. Нарачале уште и сукња од 300 долари, пократка верзија од онаа што Бијонсе ја носи во Блек ис Кинг.

„Интуицијата ми велеше да го изгуглам името зад оваа голема нарачка,“ изјавува Блу. „Стандардна пракса е тоа, во случај да е измама, или стилист и инфлуенсер, па да сакаме да пратиме екстра подароци или порака.“

Линкедин ѝ открива дека името се совпаѓа со директорот на дизајн на ВС. И адресата била иста со корпоративните канцеларии на ВС. Свесна за склоноста кон крадење , Блу ја откажува нарачката, во надеж дека така ќе го отстрани проблемот во корен.

Со оглед на тоа низ каква голгота (главно по сопствена вина) помина Викторијас Сикрет минатата година, човек и да помисли дека нешто ќе научат, или барем дека ќе користат лажни имиња за нарачка. Или барем профилите на Линкедин ќе си ги направат приватни.

Но, не.

Нејасното лежи во: како ти имаш еден куп сектори и луѓе што примаат плата за да смислуваат ново, а ти шета рачето по мали брендови што сами работат?

Чудо.

23 август 2020 - 23:38