Како да не е доволно тешко да најдеш партнер, или макар, да имаш успешен дејт во сред пандемија, на новите глупости што луѓето ги измислуваат во тој контекст не може да им се најде крајот. Сега има wokefishing, од woke - освестен и fishing - интернет измама, што значи дека дечкото што така сериозно ја поддржува твојата феминистичка кауза додека си куцкате на Тиндер, можно е да го прави тоа само за да ти се напика во кревет. Мда.
Терминот го срочила Серена Смит, новинарка во Вајс и опфаќа мажи кои наводно имаат либерални сфаќања - ги има по протести, во Америка се први за БЛМ, во Англија се тотално анти-Брегзит - а всушност се, во недостаток на подостоинствен термин - сељачишта. Вистинските ставови им испливуваат на површина после неколку недели, месеци, дури и години во врска, што често води до раскинување.
Лесно може да се забележи овој обид за шетање по ќерамиди со оглед на тоа колку личноста ужива да раскажува за своите прогресивни гледишта на сопствениот профил. Некој што гордо труби дека е феминист, најверојатно не е и најверојатно ќе го снема после неколку состаноци. Едно истражување ја има покажано важноста на политичката наклонетост во една врска, со 84 проценти кои одговориле дека не би ни помислиле да бидат во врска со некој со спротивни гледишта, а 67 проценти рекле дека раскинале заради политичката определба на нивниот партнер.
„Ако сфатиш дека нечие дејствување не се поклопува со она што го тврди на дејтинг-профил, дека не го практикува она што го тврди, тогаш можно е да се фаќа во орото и на хаштагот ‘колку да се рече’,“ вели Кејт Меклин, експерт за врски во Пленти оф Фиш. „Не се плашете да ѝ верувате на сопствената интуиција.“
Овој тренд може да биде особено трауматизирачки кога им се случува на маргинализирани групи, како луѓе во боја или од ЛГБТИ+ заедницата.
Меклин додава и дека карантинот - што значи дека многумина поминале доста време само во допишување пред да се видат - „Е одличен потсетник дека времето поминато во запознавање на човекот и вагањето дали сте компатибилни е многу важно.“ Заклучува и дека „Како што ќе попуштаат мерките, нека не ви се брза да запознавате луѓе веднаш, туку одете полека и бирајте што најмногу ви одговара.“
За оние што ќе решат веднаш да тргнат во поход, да им биде јасно: Ако не можете уште онлајн да идентификувате „воукфишер“, неговите вистински ставови порано или подоцна ќе се појават во вид на ситници: ако во Америка и Англија се Трамп, БЛМ, Брегзит, феминизам, тогаш кај нас е: пак феминизам, сељачки манири, тенденција да ти кажува што да правиш (како да се облекуваш, каква фризура да имаш), што да мислиш, ти објаснува ствари затоа што „ти не разбираш“, и слично.