Вес Андерсон има ново за Нетфликс

Уште светот го нема изгледано „Астероид Сити“, а веќе се спрема „Чудесната приказна за Хенри Шугар“. И личи дека ќе биде бонбона за очи.

Публиката е навикната да почека, а сепак, веќе има трејлер за адаптацијата на The Wonderful Story of Henry Sugar од Руал Дал. Се работи за наслов на еден од колекцијата од седум раскази кои Дал ги има објавено во 1977. По трејлерот изгледа дека и филмот ќе го има тој формат, со тоа што истите актери ќе играат различни улоги во различни приказни.

Најдолгиот дел, со истиот наслов е делумно базиран на вистинската приказна за Куда Букс, човек што Руал Дал го има спомнато во нефикција, пред да работи на адаптацијата. Се работи за коцкар, Хенри Шугар кој ќе се сретне со човек чии очи се сошиени, но гледа на други начини. Всушност, вака Дал ги критикува сопствените критичари кои го имаат м‘кнето по кал цела негова кариера, плус е приказна за поголеми деца.

Другите се „Ловец на стаорци“, „Лебедот“ и „Отров“.

Првата е мрачна приказна за еден чистач на штетници со невообичаен начин на чистење кој зборува за темната страна на човековата природа. Второто е надреална приказна за двајца силеџии, од кои едниот добива пушка за петнаесеттиот роденден и мачи животни и уште една жртва со неа, а третата еднаш веќе ја има адаптирано Хичкок - сместена е во колонијална Индија и следи еден лекар што се обидува да спаси пациент каснат од змија со тоа што лежи врз неговото тело.

Ќе ги има Бенедикт Камбербеч, Реjф Фајнс, Дев Пател, Бен Кингсли, Руперт Френд и други што сме навикнати да ги гледаме кај Андерсон.

Инаку, Вес Андерсон и друг пат го има адаптирано Дал - „Фантастичниот г-н Лисец“, каде што гласовите ги позајмуваат Џорџ Клуни и Мерил Стрип.

Доаѓа на 27 септември на Нетфликс, во четири етапи.

18 септември 2023 - 00:00