Битно е:

Учиме четки за маскара

Најскапата маскара на пазарот чини 589 долари, не баш толку затоа што формулата е совршена, колку што е затоа што амбалажата е украсена со Сваровски кристали. Дали ќе биде боље од вашата маскара од Голден Роуз? Не мора да значи, а и не е толку до цената, колку што е до четката. И затоа сега учиме четки.

Затпитоа што може имате три влакна, може ви се убиени трепките од ставање надградба, или може па имате нормални трепки ама сакате да ви бидат како на кукла. Затоа, правиме пауза од сериозните работи и вести од светот, и се фрламе на четки - и која четка како ќе ви помогне да направите промаја кога ќе трепнете. 

Од кај толку многу, и какво е тоа работно место истражувач и осмислувач на четки за маскара? Не знам, ама еве ги, истражени и категоризирани.

1. Чешел

За кратки и ретки трепки: оваа четка стига до сите и ги покрива што е можно подобро.

2. Со шпиц

За издолжување: Откако ќе ги покриете трепките со оваа четка, го вртите врвот за да ги поминете уште еднаш, за да бидат подолги.

3. Триаголник

За да ги издолжите очите: Овој дизајн е на Лореал. Ако се шминкате мачкасто, ова само го дополнува изгледот.

4. Завиена

За виткање: Ако имате безлични, исправени трепки, оваа четка ги гушка и ги завива малку, за да личат на нешто. Ако купите водоотпорна маскара со ваква четка, уште подобро, затоа што спречува пак да се опуштат.

5. Топче

За едвај достижни трепки: Без разлика што личи на справа за мачење, оваа четка ги достигнува и тие најглупите и најмалите трепки, ако тоа ви е толку битно.

6. Конус

За ќошови: Тоа се тие што секогаш ги баталуваме, затоа што мораш да бираш меѓу пикање таму по ќошевите и ризик да ти пропадне последниот саат цртање со туш, затоа што ќе се замачкаш со маскарата барајќи го ќошот.

7. Превртен конус

За ширење на очите: Односно, не за Базедова болест, туку за после шминкањето со оваа четка, очите да делуваат поголеми и поотворени.

8. Правоаголна

Волумен и должина: Оваа не стига до сите потребни ќошеви, ама самите кратки влакна наводно постигнуваат нови нивоа на должина и величина.

9. Што се витка

За уште повеќе волумен: Четкава што се витка за 90 степени е откритие, затоа што досега тенка беше линијата меѓу добро нанесена маскара и онаа грда појава „пајакови нозе“. Овде имате супер контрола за тоа каде шминкате.

10. Тенка

За дефинирање: Ако имате кратки трепки, лесно ги покривате од корен со оваа, па ако ништо друго, знаете дека цели сте ги нашминкале.

11. Минијатурна

За долните трепки: Јес. Затоа што колку дена поминаа од последниот пат кога заедно со долните трепки си ставивте маскара и на подочњаците? Нула. Оваа е попрецизна.

12. Огромна

За задебелување: Ова ако ви се тенки до степен на тажност, па ви треба повеќе дефиниција. Може оваа ќе ги направи сајли и конечно ќе престанете да давате пари на трајна надградба што уште повеќе ги нажалува кога ќе ѝ помине рокот.

13. Спирална

За волумен и виткање: Ги поткрева и ги витка трепките истовремено, без да изгубите на волумен.

14. Песочен часовник

За ефект на лажни трепки: Оваа може да ми е омилена. Ако ви се претерува во секоја категорија, од виткање, до волумен, до кревање, до промаја - оваа. Знаете како се вика? Better Than Sex.

15. Обична

Волумен и исполнување: И се разбира, класиката со која што прв пат сме се сретнале, буричкајќи кај мајките во ташна. Овој олд-скул дава волумен и лепршави трепки, и не го ни надминува олд-скул проблемот: грутки. Не само внатре во амбалажата, туку и на трепки. Кој како милува.

Ботом лајн? Кога ќе ти се погоди маскарата, без разлика дали е Curator од 80 долари, или 100 денари од пазар, секој муабет од овие за четкиве престанува да биде важен.

24 јули 2017 - 13:50