„Тело за плажа”се прави во зима, ама да се разбереме со време

Ако сте намислиле да слабеете за плажа, од прилика сега би требало да се почне, за да се постигнат резултатите што веројатно ги гледате на Инстаграм. Со тоа што, спојлер: Веќе имате тело за плажа. Имате тело, и тоа може да се наоѓа на плажа. Толку.

А да се разбереме и за ова. Не сме вака строги кон себе само „за плажа”. Строги сме цело време. И досадно е. Така што, ај вака:

1. Јади нормално затоа што си жив човек со калориски потреби. Во моментов си таков/таква како што треба да бидеш. Не мора да бидеш „помалку” од тоа за да изгледаш добро во купачи. Значи, ако јадеш здраво, но понекогаш сакаш пица - јади бре, пица. А ако сакаш да смениш нешто, смени затоа што стварно сакаш, а не затоа што мислиш дека ако не смениш, тогаш не припаѓаш во купачи.

2. Избери купачи што ти се допаѓа како ти стојат. Не мора да бидат минимални, со парталче што покрива стратешки. Нека биде нешто што те радува, наместо нешто што те вади од памет со „како слон ќе бидам во ова”. Не важи ни само за купачи. Тоа со купување помал број за да ослабам е глупост. Купи си нормални фармерки, ко човек.

3. Доста се споредуваш со некој друг. Медиумите ни ставаат идеи во глава дека мора личиме на супермодели ако сакаме да носиме бикини и тоа се глупости. Друштвото за плажа не очекува ништо посебно од тебе. Очекуваат да дојдеш со нив и гајле им е како изгледаш. Исто и за на скијање. Исто и за на кафе. Облечи ги фармерките што се ТВОЈ БРОЈ, не број како кога беше средно и оди пиј го тоа кафе. Толку е едноставно.

4. Батали модели и славни личности во бикини. Заборави дека постојат - имаат цела екипа од тренери, нутриционисти и армија од луѓе што им помагаат да изгледаат така затоа што тоа им е работа.

5. Јади чоколадо понекогаш, еднаш се живее. Ако се опушташ повремено, сигурно нема да се разбудиш со 40 кила повеќе. Плус чоколадо е. Како да не јадеш.

6. Вежбај затоа што е здраво, не затоа што имаш „проблематични зони”. На машките никогаш не им викаат дека имаат „проблематични зони”. Барем не со тој избор на зборови. Ама на жените богами… А вежбањето треба да те радува, да те ојача, за да не ти снемува воздух после 2-3 минути шетање. Не треба да биде казна. И треба да разбереш дека…

7. Немаш „проблематични зони”. Тоа што ти пречи на телото, што го гледаш како несовршенство - прифати го. Што ако имаш голем задник. Аман, бар тоа е модерно сега.

8. Гледај слики од плажа како дете. Гледај слики од било каде кога си бил/а дете. И види како пукаш од среќа и ти е гајле дали си со „проблематични зони.” На дете ќе му речеш дека „треба малце да слабее”? Не.

9. И еве го: имаш тело за плажа затоа што физички постои телото и може да се најде на плажа. Секаков друг коментар е непотребен. А и да се најде човек што ќе има некаков коментар за твоето тело - тоа не е твој проблем. Негов/нејзин е.

10. И онака си повеќе од обично тело. Истовремено си личност што сака плажа и заслужува да ужива во купачи без да се секира дека бутовите и се допираат, или дека стомакот и се познава. И повторно, важи за секаде. И за секое парче гардероба.

Ич да не ти е гајле.

Заклучок: Ако планиравте периодов да влегувате во теретана, или на аеробик, или на јога, или што веќе ви прави ќеиф - ако. Убаво е. Терајте. Ама не си го правете тоа што не би им го правеле на луѓето што ги сакате - нема потреба.

Тело имате, уште да затопли, и готово. Во меѓувреме, да се вратиме на нашите „тела за смог и ладно”.

24 јануари 2019 - 00:00