На 13 години си ја пробала среќата пред продуцентот (тогаш скоро господ) Луис Б. Мајер од Метро Голдвин Мајер. Вистинското име ѝ е Френсис Етел Гам. Ги маѓепсала сите со гласот, ама им сметал нејзиниот предпубертетски изглед. И за време на промоцијата на нејзиниот прв филм (кога имала само 14 години) со наслов Pigskin Parade, Мајер и сите колеги гласно кажувале како е Гарланд „дебела, грбава и грда”, и дека личи на „прасе со кики” кога ја гледаш низ камера.
Ја ставиле на толку жестока диета што едвај внесувала двоцифрена бројка калории дневно. Брзо се навикнала, па научила да се изгладнува до раб на онесвестување, па да се прејаде, па да поврати сè за да ги задоволи нереалистичните стандарди на продуцентите. Коментирале колку грдо и недоволно слабо изгледа, па ѝ набавиле апчиња да и го забрзаат метаболизмот, плус апчиња за подолго да седи будна, а преживувала и допирање и сексуално малтретирање уште од 16-годишна возраст. И така со години, додека не се откачила засекогаш од МГМ, што го довело Луис Мајер до солзи затоа што тврдел дека е „заљубен во неа”.
Кретен глуп.
Сите овие лузни и трауми влијаеле на нејзиниот приватен живот - се мажела пет пати, а четири од тие бракови завршиле со развод. За време на првиот брак останала трудна, но плашејќи се дека тоа ќе ѝ влијае на кариерата, мајка ѝ и МГМ ја натерале да абортира и тоа ѝ оставило длабоки емотивни лузни.
Растела, а со тоа и сè повеќе се дрогирала со лекови - и така почнува нејзиниот крај. Поминала и неколку нервни сломови заради кои морала да биде хоспитализирана, за на крај да заврши пеејќи по барови за 100 долари од вечер. Нејзината најстара ќерка, Лајза Минели ја помагала финансиски.
Умира заради предозирање со барбитурати, од кои била веќе зависна. Но, не пред вистински да се вљуби и да се почувствува сакана, што на светот кој чита за нејзе му дава некаква утеха, после разочарувачките факти што некако секогаш се присутни кога се зборува за задкулисните игри на Холивуд.
„Конечно, конечно - сакам и сакана сум,” ја забележува Лос Анџелес Тајмс нејзината изјава за петтиот брак.
Умира на 47 години, а зад себе ги остава децата Лајза Минели и Лорна и Џои Лафт.