Ташна изгубена во ’50-тите, како временска капсула на еден живот

Во средното школо Норт Кантон во Охајо, мајстор поправал шкафчиња и налетал на изгубена ташна, што кратко потоа открил дека како во временска капсула го има зачувано животот на една жена во истата форма од денот кога ја изгубила.

Ѝ припаѓала на Пати Румфола, која ја изгубила во 1957 кога била тинејџерка и ученичка во тогашното средно школо Хувер.

Предметите внатре раскажуваат приказна за една тинејџерка која била активна во нејзината заедница, организирана и полна со љубов за семејството. Меѓу предметите имало и картичка од американскиот Црвен крст, искинати билети, членство во YMCA, изострени моливи и пенкала, џебен календар и слики од семејство и пријатели.

Откако дознале која е сопственичката, стапиле во контакт со асоцијацијата на поранешни ученици во надеж дека ќе можат да ѝ ја вратат. За жал, Румфола има починато во 2013 на 71 година, во Пенсилванија, па нема да ги види симболите на минатото.

Сепак, живеела исполнет живот. Според некрологот, била пензионирана учителка што работела во Анаполис, Мериленд. И како и во младоста, била активна во заедницата и помогнала да се основа театарски гилд и Клуб на млади жени во Панксатовни, Пенсилванија. Била костимограф и шивачка во театарот Рајц и уживала да се дружи со децата и внуците.

Бидејќи школото не можело да ѝ ја врати ташната на нејзе лично, ги контактирале нејзините веќе возрасни деца.

„Петте деца на Пати се собраа заедно да ја отворат ташната и да ѕирнат во животот на мајка им како тинејџерка во средното школо Хувер,“ пишува во објавата на школото на Фејсбук. „Секој од нив задржа по една паричка како спомен на нивната мајка.“

Само жена може од толкацко ташниче да направи цел бункер од спомени.

29 јуни 2020 - 13:57