Во едно интервју со Town and Country, Ен Хатавеј открива дека на Инстаграм ништо не објавува сама. Тоа и не е некое изненадување за популарна личност од нејзин калибар, но сепак една работа држи вода: ваквата испомош за Инстаграм ѝ овозможува да внимава што ќе каже, па макар и да е тоа во коментар под слика.
Вели дека кога се работи за социјални мрежи, смислува слика и муабет за под сликата, и ја праќа на некој друг што ќе ја чува саат време. Во тој период, Хатавеј размислува за потенцијалниот пост, пред конечно да го одобри.
„Така можам да го видам со нови очи,” вели таа. „Затоа што еднаш кога ќе излезе - излезено е.”
Зошто сите не правиме вака?
Да, како што е брз денес интернетот и движењето, и како што е лесно да смислиш твит и да го пуштиш, малку е непојмливо да дремеш саат време, вагајќи дали нештото го бива за во јавност. А и притисокот обично не е толку јак колку кај некој што има 12.9 милиони следачи на Инстаграм, како Хатавеј, но сепак, може да излезе и некоја придобивка од 2-3 минути размислување за она што ќе го објавиме.
Замислете бе, секоја една шуша што сака да мудрува на Фејсбук, да размисли и неколку пати да си ја прочита изјавата пред да кликне „објави.” Замислете од колку глупостишта ќе бидеме спасени!
А можда и не. Можда шушата ќе се возгордее и секако ќе објави. На локалниот интернет свемир никогаш не се знае.
Александрија Окасио-Кортез, чии вештини за социјални мрежи се неверојатни, е исто така за таа идеја: да се воздржуваш.
„Многу твитови не ја ни гледаат светлината на денот - многу,” вели таа. „Кај мене дома се шегуваме: тоа го викаме ‘празнење на кошничката.’ Како кога купуваш онлајн и на крај викаш, ‘ај, не.’ и го напушташ сајтот.”
Да можеа барем некои политичари и славни фаци да се воздржат. Кога не се воздржуваш, резултатот е акаунтот на Трамп, или акаунтот на Канје Вест.
Во овој контекст, интересна за слушање би била Мишел Обама, што се натоварила со задачата да објасни дека не мораш баш секоја мисла да ја твитнеш или да ја ставиш на Инстаграм.