Супер што видовте какви сте остарени, ама пазете се од апликацијата

Руската апликација доаѓа заедно со доста обемен правен документ, исто како и многу од апликациите што ги користиме секојдневно.

Ако симнавте ФејсАп деновиве, а сигурно симнавте, за да видите како ќе изгледате како дедовци и баби, веројатно нема да ви биде пријатно сознанието на какви услови сте се согласиле.

Некои веќе забележуваат дека условите на кои треба да се согласиш за да влезеш се загрижувачки нејасни. На апликацијата ѝ давате дозвола да ве користи вас, вашето корисничко име и вистинското име за било која цел, без да ви бара дозвола, засекогаш, дури и ако ја избришете.

Ова е втор пат ФејсАп да стане вирална: Прв пат се рашири во 2017-та, кога имаше филтри што ти ја менуваат етничката припадност.

А, не е само оваа - многу од апликациите се служат со навидум досадни термини што секогаш ги прескокнуваме, а притоа кажуваат дека што сакаат можат да прават.

Назад на ФејсАп - се шпекулира дека апликацијата може да помогне во креирање на база на податоци од фото-реалистични аватари, кои заедно со ботови можат да помогнат лажните профили на социјалните мрежи да изгледаат многу пореално.

Основачот Јарослав Гончаров, за Хафингтон Пост, изјавува дека ова се глупости.

„Не продаваме и не споделуваме податоци со трета страна,” вели тој искрено, како досега да не се научивме дека свашта можат да ни кажат и пак по нивно да истераат. „Иако основниот тим е лоциран во Русија, податоците не се префрлаат таму.”

Компанијата е обвинета и дека закачува цели фото албуми на сопствени сервери, но луѓе што веќе истражувале на тема безбедност, кажуваат дека моменталната верзија на апликацијата не покажува такво однесување - бара да добие пристап до сите фотографии, но не мора да го добие за вие да видите во моментот какви ќе бидете на 70 години.

Вил Страфач, извршниот директор на Гардијан Ап вели дека го анализирал мрежниот сообраќај на ФејсАп за да види какви податоци собира и испраќа од вашиот телефон и заклучил дека ваква опасност нема (нели, во оваа верзија).

ТекКранч забележува дека Епл сега дозволува апликациите да добијат пристап до една фотографија во албумите на корисникот ако корисникот физички ја избере, дури и ако апликацијата нема добиено пристап до сите албуми. Во случајов го имаме токму тоа - тие „по една слика” се закачуваат на клауд, за после да се едитираат со ФејсАп.

Од ФејсАп за Хафингтон Пост велат дека тие „едитирања” се прават на клауд за да се подобри перформансот на апликацијата и да се смали на интернет-сообраќајот, а повеќето фотографии се бришат 48 часа откако ќе се закачат.

Значи, во превод - имаме малку поголем проблем од справувањето со сознанието дека ќе имаме толку многу брчки и толку малку коса некогаш во иднина.

Затоа што, има едно старо и пречесто користено клише во оваа индустрија - ако не плаќаш за производот, тогаш ти не си клиентот - ти си производот. А клише е затоа што е најчесто така. Повеќето апликации (Фејсбук, да), заработуваат со усисавање лични податоци, кои потоа ги користат за што ќе им текне.

А заклучокот на крај? И покрај условите со кои се согласувате при симнување на апликацијата, Гончаров тврди дека ФејсАп е една ангелска апликација што само арно ви мисли.

Ама, внесуваш податоци и слики од себе?

Да повториме - ако не плаќаш за производот тогаш - ти си производот.

Па сега вие видете колку е важно да видите како ќе изгледате стари. А без гајле - нека помине доволно време и ќе имате апликација дома за тоа.

Огледало.

17 јули 2019 - 23:56