Супер се секс-фантазии, само да не се туѓи

Замисли си седиш дома раат и ти влегуваат двајца непознати мажи за да ти остварат садо-мазо секс-фантазија. Ама ти си машко, а тие ја згрешиле куќата. Едно незгодно.

Двајца мажи најмени да остварат сексуална фантазија на клиент - да биде врзан, по гаќи - ја згрешиле куќата во една рурална област во Австралија, каде што влегле со мачети, но љубезно се извиниле и напуштиле откако сфатиле дека не се на вистинското место.

Еден од нив, Теренс Лирој сега е прогласен за невин на суд, за обвинението дека влегол во нечиј дом во јули лани, со намера да заплашува, вооружен со опасно оружје.

Судијата го опишува случајот како невообичаен и објаснува дека круната не ја исклучува разумната можност Лирој да има влезено во куќата како дел од легитимен план да оствари сексуална фантазија.

„Човекот ќе плател 5000 долари ако било ‚навистина јако’,“ вели судијата.

Несудениот клиент имал и историја со тенденција за плаќање за вакви услуги, според еден од полицајците.

Откако се договориле на Фејсбук за вакви садо-мазо игри, клиентот ја пратил неговата адреса, но заборавил да ги извести дека некое време подоцна се преселил.

Затоа на 14-ти јули, еден човек што живеел на истата улица, забележал светло во дневната кога станал да оди во тоалет. Мислел дека е некој другар што доаѓал секој ден и си правел кафе и само викнал „Марш бе, многу е рано.“

Откако слушнал глас што го прашал дали се вика како клиентот, следно што видел е двајца мажи до неговиот кревет, со мачети свртени кон подот. Откако им кажал како се вика, тргнале да си одат.

Едниот рекол, „Извини, друже,“ и се ракувал со него, а другиот рекол „Чао“, си влегле во кола и си отишле. Кутриот човек викнал полиција.

Кога стигнале кај вистинскиот клиент, ги замолил да не ги внесуваат мачетите внатре.

Пиеле кафе, клиентот направил сланина, јајца и нудли, па Лирој заспал на каучот.

И тогаш доаѓа полиција, откако ќе ги види мачетите во кола.

Сега го ослободуваат со тоа што, адвокатот тврди дека се работело за „комерцијален договор да се заврзе и да се гали полугол човек по гаќи со метла.“

 

28 мај 2020 - 13:42