Светот во моментов е опседнат со фактот што спотот и песната се круна на смирувањето меѓу Тејлор Свифт и Кети Пери (они да ти биле скарани околу танчери, па се закачале преку изјави, за на крај конечно да се смират со торта), а нас само ни се живее во тој трејлер-парк со шарени ликови што изгледаат скроз лабаво.
Погодува и текстот - нели, луѓе што уживаат, така полуинформирани, да те закачаат по твитови ама оди па да ти кажат нешто во живо. И тоа така највозбудени во свет, како да тоа има некаква врска и со нив и со тебе. Така што, пораката е - You need to calm down. Oдлично.
Во спотот има еден куп јаки ликови од типот на Џеси Тајлер Фергусон (Мич од Модерн Фемили), Рајан Рејнолдс (жена му се дружи со Тејлор Свифт), Елен Деџенерис, Тодрик Хол, цела екипа од Queer Eye, Били Портер (со оној ненормалниот смокинг-фустан од Оскари) РуПол заедно со неколку кралици од неговата серија… Наместо да ја додели круната, РуПол ја фрла во воздух, како симбол на тоа дека сите победуваат, плус дека индустријата и социјалните мрежи треба веќе да престанат да ги буцкаат јавните личности (жени) една против друга.
Навидум, спот што опфаќа многу од денешниот активизам, нели? Луѓе од различни раси, полови, и сексуални определби, сите живеат според наредбата на РуПол - Everybody say love! (апсолутно сите треба да се раководиме според ова), така што, би требало ова да е максимално испофалено насекаде, нели?
Ха!
Во духот на луѓето што се исмевани со оваа музичка нумера, дел од Твитер негодува затоа што „глупите” не биле добро, односно биле еднодимензионално претставени. Поточно, биле такви морони без зуби, а не било точно дека сите биле такви, многу од дискиминирачки настроените индивидуи низ светот биле и влијателни и од високото добро утро. Така што, да се изразиме пристојно, како еден пригоден медиум - едно големо браво за Тејлор Свифт што успеа да наведе луѓе да бранат луѓе што ги мразат и да се залагаат за нивно достојно претставување во јавноста. Изгледа направивме круг од 360 степени конечно.
Но, да го видиме спотот. Супер е.