Стрес или анксиозност? Има разлика

Понекогаш се случува секојдневниот стрес да престане да изгледа толку ‘секојдневно’. На пример, кога не можеш да спиеш, или кога можеш ама имаш кошмари и не ни сакаш веќе да спиеш. Или кога цело време те стега стомакот и толку долго трае тоа што не се ни сеќаваш кога почнало. Или кога ќе ти се забрза срцето и ќе останеш без здив. Не ќе да е само стрес тоа.

Овие знаци може сакаат да кажат дека не се работи само за стрес. Можеби ве фаќа нешто друго - анксиозност. И без разлика што имаме тенденција да ги користиме овие два термини како синоними - ова не може да биде подалеку од вистината: стресот може дури и да ви се најде, да ве мотивира, на работа или општо во животот. Анксиозноста е екстремната верзија: се работи за нарушување врзано со претерана загриженост на многу теми, која трае подолго од 6 месеци.

Анксиозноста е најчесто ментално нарушување во моментов во Америка, од кое патат над 40 милиони возрасни луѓе и повеќето од нив се жени. Според Андреа Питерсен и нејзиниот мемоар, „нема поголем фактор на ризик за нарушувања со анксиозност од тоа да се родиш како жена”. Плус, иако лесно се лечи, го лечат помалку од 40%, од проста причина што останатите не ни стигаат до лечење.

Ноа Кас, психотерапевт од NY Health Hypnosis & Integrative Therapy и Двани Пател Линдзи која е брачен и семеен советник, имаат нешто да кажат на тема како да се препознае кога стресот станува нешто посериозно.

Како да знам дека имам работа со анксиозност?

Општите симптоми вклучуваат чувство на загриженост и анксиозност, немир, умор, потешкотии при концентрација, нервоза, напнатост во мускулите и проблеми со спиење. Најважното е што ова е постојано: Кога се нервирате во одреден момент, тоа нормален дел од животот. Но кога ќе помине моментот, стресот би требало да заврши.

„Во еден момент,” вели Линдзи, „чувствата околу едното и другото се совпаѓаат. На пример, имате важна презентација на работа и загрижени сте. Можеби не можете да заспиете. Ако презентацијата помине добро, чувството го снемува. Тоа е нормална реакција. Но ако презентацијата помине добро, а вие наредниот ден сè уште сте опседнати и загрижени, и тешко ја контролирате таа загриженост, тогаш можеби се работи за анксиозност.”

Ако се толку слични, што друго ќе ми помогне да ги разликувам?

Симптомите на двете состојби се често слични, но она што ја дефинира анксиозноста е дали изворот е јасен и логичен. „Прашајте се: Дали се чувствувам вака поради одреден настан? Или не знам што ми е? Ако е второто, веројатно е анксиозност,” вели Кас. Се разликуваат во однос на време: „Стресот е врзан со сегашноста, анксиозноста е често врзана со она што следува.”

Што треба да се направи, ако си анксиозен?

Многу е важно ова: Најпаметно што можете да направите за себе е да побарате стручна помош. „Не сакам кога луѓето сами се мачат затоа што се плашат да ја побараат помошта што им е потребна,” вели Линдзи. „Докторите и терапевтите се стручни и ќе ви помогнат.” Планот за третирање на состојбата може да вклучува терапија или лекови, или комбинација од двете. Терапијата може да е со разговор, може да е когнитивно-бихејвиорална, или во група, а лековите може да се антидепресиви, лекови против анксиозност или бета-блокатори.

Може да помогне и промена на животниот стил: „Да спиете повеќе, да ограничите внес на кофеин, да вежбате и да излегувате во природа може многу да помогне,” вели Линдзи.

Всушност, ова се добри совети и кога сте само под стрес. „И човек што не е клинички анксиозен може да страда од проблематичен стрес,” вели Линдзи. „Само затоа што не сте анксиозни, не значи дека не треба да работите на себе и да барате системи на поддршка. Треба да ви биде јасно со што имате работа, но без разлика дали е едното или другото, она што е важно е да бидете барем малку фини со себе.

17 август 2018 - 09:11