Статијата што го закопа феминизмот

На еден сајт со име Every Day Feminism (наслов со потенцијал да налага многу добра содржина), се појави текст со инструкции како да бидеш паметна феминистка, односно – 10 прашања што секоја феминистка треба да ги постави на прв состанок. Дали веќе насетувате колку многу погрешна поента ќе има?

Авторката на текстот, Лара Вит, својот наапан елаборат го почнува лепејќи си етикети на самата себе, односно, претставувајќи се како queer woman of color, (небела жена од ЛГБТ заедницата), со тоа упропастувајќи го впечатокот за секоја од кажаните категории само поради нејзините фикс-идеи.

Објаснува дека „ако не поддржуваш маргинализирани групи, тогаш не можеме да се дружиме, а не па да бидеме заедно”, што е многу логично и здраворазумски, а сепак го тера човек да се запраша дали конкретно кај нејзе е здраворазумски или фетишистички.

Но добро.

„И покрај среќата и поддршката што ни ја носат нашите платонски врски (кои најискрено ја хранат душата и се суштински), ние феминистките одиме и на љубовни состаноци!” весело ќе ја соопшти Вит очигледната вистина за групата во која се гордее дека припаѓа. Но, додава, има прашања кои мораме да ги поставиме пред да се зближиме со некого.

Она што следи на нејзиниот список е збир од 10 прашања од кои како ѓавол од темјан ќе избега и најгласниот реален феминист, не затоа што прашањата не се важни, туку затоа што оваа Лара Вит скроз ја заборава социјално-прифатливата нишка што треба да се провлече кога сакаш некого подобро да го запознаеш. Да го нападнеш соговорникот со прашања на кои уште шамар им фали, во опкружување кое треба да биде релаксирано и забавно се граничи со фанатизам, плус, да советуваш млади луѓе дека треба политиката да ја вовлечат и во своите најинтимни сфери треба да си – недоквакан.

Гледајте да не се препознаете.

1. Дали веруваш дека животите на црнците се важни?

Ова прашање има само ЕДЕН точен одговор, и само од тој одговор дискусијата може да биде здрава, дури и пријатна. Апсолутно треба да го шутнеш тој што ќе одговори погрешно, ама нели додека делите десерт или пиете кафе можеш на друг начин да го процениш тоа? На пример, ако е расист, ваљда многу брзо ќе се примети, па во еден необавезен муабет ќе го фатиш? Особено ако живееш (како што авторката живее) во земја каде што не се саде белци?

Следното прашање е просто толку романтично, да личноста карши тебе ќе биде воодушевена од твојата спремност:

2. Што мислиш за полова и сексуална ориентација?

Дали стварно мора ваква да ти биде фразата? Мора ли така напорно? Нели може да се збори за Иан Мекелен, Стивен Фрај и толкувањата околу сексуалната ориентација на Салвадор Дали, па да се провери ставот на соговорникот? Кога веќе сме толку интелектуално настроени нели.

3. Како работиш на растурање на сексизмот и мизогинијата во животот?

Овде на пример, муабетот ѝ почнува вака:

„Сум запознала цисродови, хетеронормативни (цисхет) мажи кои мразат жени. Велат дека сакаат жени, но таа љубов е условена со забрането заканување за нивната токсична машкост. Нè сакаат како монолит, го сакаат тоа што жените можат да го понудат, без разлика дали е секс, храна, љубов, грижа, емотивен труд: нè сакаат заради тоа што можеме да го направиме за нив. Круцијално е цисхет мажите да ги разберат слоевите на интерпретацијата на женственоста.”

Во основа, уште една шајка на ковчегот на феминизмот, веќе тргнат према Бутел заради ваквите како неа. Зошто? Затоа што, по милионити пат, (поразително е што мора да се повторува, но) феминизмот е за еднаквост, а не за супериорност. Мислам, со среќа социјализацијата ако тој наспроти тебе е од машки пол и ти од старт го викаш „цисродов, хетеронормативен маж”.

Извини, тоа е биолошки и социолошки точен назив?

А за гуштери кога збориш, викаш претставник на најголемата група влекачи со сува лушпеста кожа и канџести стапала, или викаш факинг гуштер имам на фасада?

Нели глупо?

Понатаму продолжува во тој тренд, прашања кои реално имаат само по еден точен одговор, кои стварно се дил-брејкер ако се одговорат погрешно и кои сепак се непријатни и заради кои оставаш впечаток на надмено, квазиинтелектуално, нетактично говедо:

4. Што мислиш за сексуалната работа?

5. Што мислиш за Израел и Палестина?

6. Како го разбираш колонијализмот и правата на домородното население?

7. Дали сметаш дека капитализмот е експлоатирачки?

(седмово баш ме занима дали прашањето ќе се постави во народна кујна, на полјана или во Старбакс каде што знаат да паднат вакви слободарски муабети)

8. Дали си сојузник со лица со посебни потреби?

9. Дали поддржуваш муслимани и немуслимани од исламски земји?

10. Дали некој човек може да биде нелегален?

Од прилика вакви текстови носи глобалниот мерак за политизирање на секое влакно и секоја пора од себе и односите со луѓето. Политиката стварно се провлекува и во многу случаи не може да биде ствар на вкус („јас сум фашист, тоа е мое мислење”), ама наметнување некаков псевдо-авторитет при нова средба каде што ти си даваш за право да испрашуваш за домородно население, наместо да го процениш соговорникот според тоа што ќе ти каже за француска кинематографија (одличен начин да го фатиш на сите твои фетиш-теми!) значи дека си говедо.

Точно, човек мора да се преиспита дали ќе продолжи со инвестицијата во некое пријателство или врска ако некое од прашањава се одговори погрешно. Ама дека првите состаноци треба да ни личат на средба со двајца џандари во соба со огледало – тешко.

Остајте тоа чеканот и шајките. А Лара Вит и таквите ко неа би било фино да престанат да се идентификуваат со било која група на луѓе – малце ни е срам, идете си.

п.с. По дилемата дали преводот е „цисполов” или „цисродов”, отидов на Гугл со двата збора. Едниот има 7, а другиот 9 резултати, меѓу кои и овој текст. Ете толку ние кириличните народи пишуваме на таа тема.

11 декември 2017 - 15:16