„Стартер-жената“ на Илон Маск

„Да беше вработена ќе те отпуштев“, „Фарбај се платинесто-русокоса“ и ултиматум пред развод - и тоа каков.

Илон Маск има нова биографија со детали за неговиот професионален пат, но има уште една, паралелна приказна, многу позанимлива за обичниот свет - раскажана од неговата прва жена, Џастин Маск.

Џастин Маск е остварен автор, а меѓу делата ѝ е и сведоштвото за бракот со Илон, со наслов „Бев стартер-жена“ за Мари Клер. Ги открива деталите од нивната романса, предизвиците со кои се соочиле и динамиката што довела до развод.

Приказната ја почнуваат на факултет во Канада - тогаш таа била писател во подем, а тој богат дечко со јужноафрикански акцент. Почнале да се гледаат, едно време се разделиле, но повторно се споиле кога Илон се преселил во Силициумската долина.

Додека биле заедно, богатството на Илон почнува вртоглаво да расте - го основа Зип2 Кор. и станува мултимилионер, а со тоа почнуваат и промените во нивната врска. Пред свадбата во 2000-та, Илон побарал да потпише финансиски договор, и потпишала, без да предвиди како ќе се одвива иднината.

Комплексноста на врската се интензивира после свадбата. Самопрогласениот алфа-статус на Илон го засенува гласот на Џастин - често ја третирал како вработена, отколку како сопруга, па морала да повторува „Јас сум ти жена.“

На тоа, Илон одговара „Да ми беше вработена, ќе те отпуштев.“

Уште промени доаѓаат со продажбата на Пејпал, што драматично го зголемува богатството на Илон, а во исто време им се случува трагедија - синот Невада Александар им умира на 10 недели од синдром на ненајдејна смрт кај новороденче. Илон на ова реагира со повлекување, избегнување да разговара, а видливата жалост низ која поминува Џастин ја нарекува емотивна манипулација. Во обид да се справи, Џастин се фокусира повторно да забремени и во наредните пет години раѓа близнаци, па тројки. Покрај ова, продолжува со книжевните амбиции и им продава романи на познати издавачи.

Од надвор гледано, животот им е луксузен. Огромна куќа во Бел Ер, елитни холивудски клубови, приватни авиони и интимни собири со луѓе како Боно и Џон Кјузак. Сепак, Џастин постојано се чувствувала отуѓено, Илон бил постојано нурнат во работата и емотивно оддалечен. Ни разговорите не им оделе веќе, а ѝ ги отфрлал и книжевните соништа и аспирации.

Џастин имала сообраќајка. Првата мисла не ѝ била олеснување што не е повредена, туку како Илон ќе реагира. И сфатила дека станала жена-трофеј, улога за која не била спремна. Неговото инсистирање да се фарба платинесто-русокоса ѝ било симболично за нивното разидување во концептот за брак. Се одлучиле да одат на брачно советување, но не завршило добро - Илон поставил ултиматум: Или ќе се решат проблемите за еден ден, или развод.

И наредниот ден - барање за развод.

Иако предбрачниот договор предвидувал ограничувања за Џастин за насобраното богатство, таа се навратила на некои од ставките и започнала правна битка што траела над две години. Во оваа фаза, Џастин наоѓа неочекувано пријателство со новата свршеничка на Илон, Талула Рајли, со која Илон се ожени, се разведе, повторно се ожени и повторно се разведе.

За време на судењата, Илон објасни дека ѝ понудил на Џастин 80 милиони долари спогодба, што таа ја одбила. Барала сопствеништво во компаниите (судот не дал) за на крај да добие 20.000 долари месечно за неа лично, плус необјавена сума за алиментација и домот во Бел Ер. Нивниот развод е еден од најскапите во историјата.

2 октомври 2023 - 10:21