Стареењето е нова фаза за можности и сила

Славни жени споделуваат мудрости за зрелоста и стареењето, па магично престанува да биде страшно.

„Стареењето не е изгубена младост, туку нова фаза на можности и сила,“ вели Бети Фридан, авторка на „Женската мистика“. И покрај притисокот и двојните стандарди кои доаѓаат со стареење пред очите на јавноста, овој став го имаат повеќе жени во Холивуд, а сега се и отворени на темата како никогаш порано.

„Ова е прва година кога вистински сфаќам што значи да си жив и да живееш во моментот,“ напиша Бијонсе во порака на нејзиниот 40-ти роденден. „Прв пат разбирам колку е кревок животот, колку тежок може да биде понекогаш, а со тоа и колку е важно да се застане и да се помирисаат розите кога е добро. Мислев дека ми беше јасно тоа на 21, на 30... Ама не беше. Колку позрела станувам, толку повеќе разбирам и толку ми е подлабока радоста... Конечно си давам дозвола да уживам во сè што сум направила во животот. Кој и да се обидел да ги услови жените да се чувствуваат несреќно кога ќе наполнат 40, заебал работа. Најдобро чувство што сум го имала во целиот живот. Благодарна сум што сум ПОРАСНАТА, ПОРАСНАТА!“

Хелен Мирен инсистира дека е многу подобро да се старее неграциозно. „Прифати го и терај. Или ќе умреш млад, или ќе старееш. Трето нема. Поарно уживај во тоа.“ Мајка ѝ ја има научено дека не смее да се грижи за стареењето. Ѝ рекла: „знам дека на 25 ќе си речеш, боже господе, кој сака да има 45? Ама неверојатно е, затоа што ќе наполниш 45 и ќе сфатиш дека не сакаш веќе да има 25.“

На тоа, Мирен вели: „Морам да се согласам. Со секоја возраст доаѓаат предности и недостатоци. И постојано ти се докажува дека не сакаш назад. Сакаш да си таму каде што си, со сè што имаш искусено.“

За Салма Хајек, стареењето има врска со повторување. Нејзината филозофија на темата е поврзана со прифаќањето на новоста на секое наредно поглавје. „Нешто старее кога го правиш долго време. Ако цело време се менуваш, цело време си љубопитен, како можеш да остареш? Денес си нов човек.“

Џулијан Мур смета дека прашањето што треба да си поставиме е како да продолжиме да се предизвикуваме, да се интересираме, да учиме нови работи, да помагаме, да бидеме личноста што семејството и пријателите ја бараат. Како да продолжиме да еволуираме? Како да управуваме со животот за уште подлабоки искуства?

„Има толку многу всадена осуда во тоа ‘грациозно стареење‘,“ вели таа. „Има ли неграциозен начин? Немаме други опции. Никој нема избор за стареењето, значи не е ни позитивно, ни негативно, едноставно постои. Дел е од човечката состојба, зошто упорно разговараме за тоа како да имаме некаква контрола?“

И на крај, Џејн Фонда:

„Кога требаше да наполнам 60, сфатив дека се приближувам кон третиот чин - последниот - и дека ова не е проба. Една од работите што сигурно ги знаев дека не сакам да завршам со каење. Направив „преглед на животот“ што ми помогна појасно да ги видам работите. Тотално ми се смени начинот на кој размислував за себе и за како сакам да ја живеам последната третина од мојот живот. И сфатив колку е важно да го поминуваме животот со свесна намера. Кога старееш, сфаќаш дека да си здрав е радосна работа и е од клучна важност затоа што возраста не е толку до хронологија. Можеш да бидеш многу стар на 84, колку што имам јас, а можеш и да бидеш многу млад.“

18 август 2023 - 15:35