Спиeчки туризам е новиот облик на патување

Нов тренд е и се предвидува дека ќе биде едно од најбараните патнички искуства во 2025. Се става акцент на одморот, опуштањето и подобрување на квалитетот на сонот.

Сега традиционалните дестинации губат на популарност - одиме кон освежување на телото и умот.

Спиeчкиот туризам е осмислен како патување за подобар сон. За разлика од конвенционалните одмори што се фокусираат на истражување и разгледување, овој тренд бара опкружување во кое гостите ќе искусат добар, мирен сон, а дестинацијата да ја доживат како „нов дом“ каде што можат да се опуштат далеку од секојдневните животи и стресот.

„Поедноставено, спиeчкиот туризам значи да посетиш дестинација и дома да се вратиш обновен и полн со енергија,“ објаснува Сахара Роуз де Вор, основачка на Travel Coach Network.

Многу луксузни хотели веќе го прифаќаат трендот и нудат искуства насочени кон опуштање и спиење, со содржини како звучно изолирани соби, ароматерапии, внимателно избран материјал за постелнини и смирувачко опкружување. На посетителите им се нудат персонализирани програми за спиење, завеси за блокирање светлина, звучни апарати и јога сеанси за намалување на стресот. За тие што сакаат да комбинираат и одмор и истражување, се наоѓа по некоја активност како шетање во природа.

Популарноста расте, затоа што пред сѐ, сонот е темелна човечка потреба, но многу луѓе имаат проблем со спиењето. Посебно е корисно за луѓе што се соочуваат со вакви проблеми и што имаат засилена анксиозност, бидејќи отседнување во мирно опкружување им овозможува да се исклучат од секојдневните притисоци и да се насочат кон сопствената општа добросостојба.

11 февруари 2025 - 10:04