Џабе светот тврди дека сака еднаквост, кога уште си патиме од двојни аршини. Филмската индустрија покажала „доза резерва“ кон Кејт Винслет, или барем луѓе на водечки позиции се обиделе да прават сопки кога се обидувала да најде финансии за биографскиот филм „Ли“ - за животот на Ли Милер, муза на уметници како Пикасо и Ман Реј и фотографка од втората светска војна, позната по страшните извештаи од концентрационите логори. „Ли“ имаше премиера минатата недела.
„Мажите што мислат дека им бараш помош се неверојатно ужасни,“ вели Винслет. „Еден режисер ми рече, види, ај ти направи го мојов филм, па јас ќе ти најдам пари за ‘Ли‘. Сум имала и потенцијални (машки) инвеститори што викале ‘Зошто сега треба да ми се допадне женава?‘“
Инаку, освен што глуми во филмот, Винслет е продуцент, а го планирала осум години. Нашла финансии, влијаела на сценариото и кастингот, дала сопствени пари кога требало и лично покрила две недели плати во пред-продукција за филмот да се заврши.
Темата на филмот - Ли Милер има почнато како модел, и има инспирирано многу уметници. Прво била позната како љубовница на Ман Реј, но брзо посакала да застане зад камерата, дури и се пријавила да биде фотограф за Вог и ја одбиле. После темелното документирање на уништената Европа по втората светска војна, конечно ја заработува репутацијата што ја заслужува.