Иако не е секојдневна и главна тема освен „50 нијанси сиво“, еротската фикција е жанр што има креирано суб-култура на интернет и истовремено жанр што успева некои анонимни автор(к)и да ги претвори во мултимилионери само од продажба на Амазон, само поради побарувачката на напишано порно. Темите се некогаш безопасни, некогаш тема на морална дискусија затоа што сè почесто се врткаат околу инцест, токсични врски, скоро-па-силување (или без тоа скоро-па), и огромни разлики во години меѓу партнерите, каде што едниот е „едвај легален“.
Е сега, токму таа „едвај легалност“, ја носи на суд навидум обичната Лорен Тесолин-Мастроса, која живее со сопругот и двете деца и придонесува во локалната црква.
Во еден момент, Лорен одлучува дека ќе пишува табу под псевдоним. „Табу“ е под-категорија на овој правец каде што ги има и сите тие теми погоре спомнати. Но, Тесолин-Мастроса, или како што е псевдонимот Тори Вудс, оди подалеку, па пишува книга со наслов „Играчката на тато“, со бебешко розева корица и коцки за играње на неа и создава приказна за „едвај легална девојка“ на возраст од 18 години и нејзината врска со пријателот на татко ѝ.
Едвај или не, 18 е легално, нели?
Освен кога во приказната ќе додадеш дека пријателот го возбудувала уште кога имала три години.
Суб-култура што ја движат милиони е меч со две острици - или како вирус ќе се рашири дека книгата е добра и ќе се зботатиш, или еднакво брзо ќе се рашири дека креираш, поседуваш и шириш детска порнографија.
Полицијата во Сиднеј била информирана за постоењето на книгата, за потоа да влезе во куќата на авторката, да ја уапси и да собере неколку примероци од книгата како доказ.
Во моментов, на Тесолин-Мастроса ѝ се суди за поседување, создавање и ширење на детска порнографија, за што таа се изјаснува како невина и тврди дека содржината прикажува „двајца возрасни, согласни меѓу себе да имаат однос“. Одбраната се повикува и на фактот дека ликовите се измислени и дека не постои реална жртва.
Она што луѓето (а и судиите) го коментираат е дека ваквите содржини се рај за нефиктивни, многу реални педофили и дека во никој случај не смее да се дозволи нивна продажба. Јавноста ја спомнува и дизајнерката на корицата, која се вади дека не знаела ништо за содржината и дека била запознаена само со текстот што стоел на задната корица, каде што стои само „едвај легална“.
Судот не го прифати ни барањето да не се открива идентитетот на авторката (иако заедниците на ТикТок и Тредс одамна ја завршија таа работа), ниту прифати дека заканите што ги добива на интернет се доволно страшни за да мора да се заштити. Заканите што ги пријавува одбраната се од типот „ова е за електрична столица“.
На нејзините профили, пред да ги снема од социјалните мрежи, авторката рече дека се работи за недоразбирање:
„Книгата ДЕФИНИТИВНО НЕ промовира и не повикува на било што поврзано со злоупотреба на деца, или педофилија.
Ова што се зборува е ужасно вознемирувачко, ми го крши срцето и ми се лоши,“ вели таа.
Досега се нема појавено на суд, а случајот ќе се разгледува пак на 5 јуни.