Што знаеме за разводот на Бритни и Сем Асгари

Сем Асгари поднесе барање за развод од Бритни Спирс после едвај повеќе од една година брак и разгоре непроверени шпекулации за наводната прељуба на пејачката и желбата да го оспори пребрачниот договор.

Според повеќе медиуми, барањето наведува „непремостливи разлики“ како основа за разводот, инаку најчестата причина што се наведува во Калифорнија, и пишува дека се разделени од 28 јули.

Пишува и дека Асгари, иранско-американски фитнес тренер, модел и актер, бара финансиска подршка од отуѓената сопруга, плус таа да ги плати трошоците за разводот. Овие барања предизвикаа шпекулации дека Асгари планира да го оспори предбрачниот договор, кој пак неа ја штити токму од плаќање алиментација. Претставник на Асгари го отфрли ова како лажно и изјави дека тој нема „негативни намери“ кон Биртни и дека „отсекогаш ја подржувал и ќе продолжи да ја подржува.“

Бритни, изгорена од легални битки во последниве години, ја ангажираше Лора Васер како адвокат - досега ги има претставувано Ким Кардашијан, Анџелина Џоли и Џони Деп (!), а веќе ѝ е проверена со разводот од Кевин Федерлајн.

Калифорнија како држава има принцип на небарање вина кај страните во разводот, што значи дека не мораат да градат случај или да се обвинуваат меѓу себе за да се разделат. Точните причини за овој развод сè уште не се познати, но јавноста веќе некое време се занимава со тоа, откако и двајцата беа забележани без бурми. Непроверени извештаи имаше и дека Асгари се заканил дека ќе објави компромитирачки информации за Бритни, ако не се прегледа и не се измени предбрачниот договор, што без разлика дали е вистина или не - е глупо, бидејќи затоа се вика ПРЕДбрачен.

Меѓу потрачарските информации пак, една инфлуенсерка се пожали дека Асгари постојано ѝ се додворувал и сексуално ја напаствувал и престанала да оди во теретаната каде што работел и често се шегувал на сметка на Бритни со другите посетители.

Бритни нема искоментирано за ситуацијата, но има објавено (како што и сме навикнати) серија криптични пораки на Инстаграм.

22 август 2023 - 13:32