Одговараат 10 ветерани од модната индустрија:

Што ви значи модата?

„Собирање на прекрасни мали парчиња од себе со тек на време.”

Поврзаност со светот

Според мене, модата го претставува животот. Кога носам нешто што прави да се чувствувам покреативна, поинтересна, посилна, покомплицирана - тогаш се чувствувам најжива, најповрзана со светот. Менувањето на гардеробата е најбрзиот пат до чувството дека сè е повторно ново, дека се е можно. Значи целта на модата е да те натера да се чувствуваш жив и присутен. Мразам кога луѓето премногу филозофираат за мода, но ова е навистина така!

- Ејми Смиловик, основач и дизајнер на Tibi

Едноставно - ти треба за да излезеш надвор

Целта на модата може да е едноставна, како на пример: Ти треба облека за да се движиш во светот. Заборавете на модата како тренд, сметајте ја за облекување и потреба. Ти требаат панталони, кошула и кондури да се појавиш на интервју, во продавница, на свадба. Се работи за тоа како се претставуваме во животот.

- Рајни Жак, моден уредник за Teen и Vogue Allure

Собирање на прекрасни мали парчиња од себе

Знам дека практично модата е уметност, со претставувањето, функцијата, изразот. Но знам и да го препознаам чувството кога ќе видам нешто што ми се допаѓа многу, што ќе ме тресне од земја. Како да доаѓа од никаде, како да си нашол нешто посебно што си го изгубил. Познато ви е чувството: „О, боже, ЕТЕ ГО!” И тогаш, некако наоѓаш начин да биде твое, а кога ќе стане твое, ти си малку повеќе ти од претходно. Тоа ми е мене модата. Собирање на прекрасни мали парчиња од себе со тек на време.

- Кристен Барберик, основач и уредник на Refinery29

Лично, реално и сирово

Начин на изразување без употреба на зборови. Според мене е многу лично, реално и сирово; начин да го синхронизираш внатрешното со надворешното. Или можеби со време само да оддржиш едно чувство што сакаш да го потхрануваш. Никогаш не ги гледам луѓето околу мене. Тоа е како да нарачуваш од мени за некој друг - само ти знаеш што сакаш да јадеш… ако некому нарачаш бургер и си речеш „многу ќе му се допадне”, никогаш не знаеш дали ќе дојде и ќе рече „А бе, јас сум веган од пред два саати.”

- Клер Дистенфелд, сопственик на Fivestory

Радост

Радост. Тоа според мене е целта на модата. Радоста да носиш нешто што прави да се чувствуваш моќен, убав или дека имаш контрола над работите. Радоста додека гледаш толку убава ревија, што те претвора во првоодделенец со ококорени очи. Радоста да купиш нешто за кое сонуваш, или да го подариш тоа на некој друг. Радоста на новото. Не се работи за чувството на помалку - помалку интересен, помалку богат, помалку слаб (како што модата знае да предизвика). Се работи за тоа што те тера да се чувствуваш подобро.

- Лора Браун, главен уредник во InStyle

Квалитет, интегритет, индивидуалност

Има многу форми на мода, од тоа што го носам за да ја оставам ќерка ми во школо, до тоа што го носам на модна недела. Брендовите кон кои што гравитирам делат слична филозофија за квалитет, интегритет и индивидуалност. Што, како и кого носиш е дел од тоа лично изразување. Внимавам да не претерувам со трошење и да не купувам ради реда цело време, а истовремено се обидувам да внимавам секое купување на „мода” да може да има долг живот во мојата гардероба и на мене. Целта на модата според мене е многу нешта: меѓу кои и работа и заштита. Ми помага го искомуницирам тоа што сум.

- Рамија Џангола, моден консултант

Добредојдена лузија на вечност

Целта на модата е да го негира нашето постојано чувство на страв од смрт. Декорација на самиот себе со одредени нешта помага да се креира идентитет кој создава илузија на вечност. Ако купуваме ствари и го дефинираме нашиот изглед, тоа го прави нашето постоење повистинско и повечно. Толку! (Се надевам не е само толку.)

- Лорен Шерман, уредник на Business of Fashion

Моќни жени

Модата ги слави жените. Жените не се единствените кои можат да ја носат, се разбира, но жените го водат овој бизнис и како конзумирачи и како вработени во медиуми, продажба, пи ар, стајлинг и дизајн. Секое утро влегувам низ врата на која што го пишува името на некоја моќна жена. Повеќето уредници со кои работам се жени, и имаат шефови кои се жени. Првата работа ми беше кај Оскар де ла Рента и тој знаеше да каже дека неговите парчиња се љубовни писма за сите луѓе кои ги носат. Во себе знам дека модата секогаш треба да биде за тоа: славење на убавината и силата на една личност и на писта и надвор од неа.

- Габи Кац, акаунт директор во Карла Ото.

Заштита

Поентата на модата е да те заштити. Но тоа може да значи различни работи. Во основа, модата постои да те покрива; заштитата може да се смени, во зависност од тоа која си и каде си. Модата може да се користи за да ти ја засили самодовербата (заштита од глупо чувство во врска со себе), да те заштити од бивање аутсајдер (си купил нешто што е во тренд). Во различни периоди од мојот живот, сум се облекувала на одреден начин да се заштитам од тоа да делувам пристапно, затоа што бев срамежлива.

- Рути Фридлендер, уредник во InStyle

Една поинаква провокација

Ако си надвор од модните кругови (ако ти е гајле или немаш врска со тоа), тогаш поентата на модата како нешто апстрактно, или идеал, или нешто концептуално, се надевам е барем да испровоцира мисла. БИЛО КАКВА мисла. Сеќавање, идеја, размислување кое е на иста бранова должина. Има нешта за кои може да се размислува, чија трага може да се пронајде во модата. И мислам дека тоа е главната поента: да направиш пауза, да размислиш на секунда за нешто поголемо.

- Ник Ремзен, фриленс писател за мода

12 февруари 2018 - 10:48