Што се знае за „Ѓаволот носи Прада 2“?

Со години публиката се надева на продолжение од култниот „Ѓаволот носи Прада“ и сега конечно ќе го добие.

Прво имаше скеч на доделувањето на САГ наградите во јануари, а во јули, Варајети извести дека Дизни спрема втор дел.

Тогаш околу првиот дел, климата за продолженија не беше многу поволна, но денес кога сите се потпираат на рециклирање и продолженија, им текнало дека може. Ен Хатавеј на темава рече:

„Сите се сакаме и ако некој смисли начин да се изведе тоа, би биле луди да одбиеме.“

За што ќе се работи?

Приказната ќе ја следи Миранда Присли додека се труди да се снајде со пропаѓањето на традиционалните списанија и ќе се соочи со ликот на Емили Блант што сега е моќна директорка на луксузна групација со пари за адвертајзинг што на Присли очајно ѝ се потребни.

На Редит коментираат дека не е ретко во мала индустрија да се обратиш на поранешни соработници што имаат нова работа. Понекогаш се менуваат и улогите сениор-јуниор. Главно, советот е да не се рушат мостови затоа што повторно можеш да налеташ на старите колеги.

Дизни разговара со оригиналната сценаристка, Алин Брош Меккена, но режисер сè уште нема.

За книгата на која е базиран филмот има цели две продолженија - „Одмаздата носи Прада“ и „Кога животот ќе ти даде Лулулемони“. Првото стигна до трето место на листа на бестселери, но второто сепак не помина многу славно.

Официјален датум нема затоа што сè уште се наоѓа во фаза на подготовки. Во меѓувреме, тие што ќе се најдат во Лондон - таму има мјузикл во театар со Ванеса Вилијамс и музика од Елтон Џон.

16 октомври 2024 - 11:05