Историјата покажува дека холивудските ѕвезди никогаш сосема не се промениле во однос на изгледот, туку повеќе се работело за вешто криење, прикривање и истакнување на адутите при крвавата борба за простор на платно.
Марлен Дитрих на пример отишла толку далеку, што сама си измислила лифтинг во ’40-ти. Косата ја врзувала толку цврсто наназад што ѝ се оптегнувала цела кожа на лицето. Користела и леплива трака и ја криела под перика. Плус, има уште еден старински трач: тајната на нејзиното извајано лице е вадење на сите катници.
Во серијата Feud, за непријателството на Бети Дејвис и Џоан Крафорд имаше ист ваков муабет. Забарот таму само праша „која будала вади катници и не става импланти после тоа?“
Мерилин Монро, освен што не била природна русокоса, имала уште еден непријатен проблем – ситни влакненца по лицето. Пред снимање - се бричела (наводно истото го правела и Елизабет Тејлор). А скоро, порталите за мода и убавина се обидоа да го предложат ова како метод за разубавување. Дали помодарките ширум светот сега мораат да се бричат секој ден само затоа што решиле да направат сè што ќе прочитаат како препорака - не се знае.
Сè што се знае е дека аргументот за ова, беше „не се секирајте, нема да ви пораснат како брада. Само ќе бидат малку потемни.“
Како „само ќе бидат малку потемни“ беше добра работа, спомнатите портали не објаснија.
Назад на Мерилин - се смета дека таа е и првата глумица што користела лажни брадавици над градникот.
Совршениот облик на лицето на Рита Хејворт го има измислено сама. После долги и повеќекратни третмани со електролиза за косата да и почнува од каде што замислила дека треба да ѝ почнува, се фарба црвена.
И не, Ким Кардашијан не го измисли контурирањето на лицето, туку Керол Ломбард. Цртала бела линија по должината на носот за да создаде илузија на помал, прав нос.
Глорија Греам ставала памук меѓу горната усна и забите за да ѝ изгледа пополна.
Елвис Присли ја прославил диетата популарна како „Заспаната убавица“ – се клукаш со седативи, спиеш и слабееш, што е тотално глупо, и делумно и причина за неговата смрт.
Меј Вест на пример, била пред времето, и долго пред бјути-блогерите да го откријат кокосовото масло, таа го користела за кожата подобро да ѝ изгледа пред камера. Позната била и по секојдневните клизми, ама тоа не морате.
Бети Дејвис користела краставици за да ги намали отоците на очите пред снимање. Џоан Крафорд на пример се колнела во мастики. Верувала дека редовното џвакање мастики ги цеди токсините под брадата и ја зајакнува вилицата.
Ингрид Бергман бричела сантиметар од косата над челото, за формата на лицето да ѝ биде поприфатлива за на камера.
Лана Тарнер, според некои гласини, откако ги избричила веѓите за „Авантурите на Марко Поло“ никогаш повеќе не ѝ пораснале. И користела налепници до крајот на животот.
„Трпењето“ за убавина изгледа никогаш не им било и нема да им биде туѓо на жените. Да не забораваме на методите од некој век претходно - корсетот, на пример, некако успеа и да се врати и да се продава преку Инстаграм.
Само, мора ли стварно до заби вадење да стигнеме?