Што мислите за „Funnymoon”?

Како меден месец, ама пред свадба. Има логика, сега ќе се објасниме.

Прво, сите се вон памет пред свадба, а наградата за таа неколкумесечна агонија е тој одмор што обично е многу важен и луксузен, познат како „меден месец”. Проблемот е што, бидејќи доаѓа по големиот ден, може да биде антиклимактичен.

Што значи, можно ли е цело време да сме ги правеле работите наопаку?

Досега се пробувале различни варијанти на извлекување на најдоброто од медениот месец. На пример, некои луѓе организираат два посебни, каде што секој од младите оди сам, или solomoons. Му доаѓа како продолжена ергенска или моминска вечер.

Но, ако сепак ви одговара друштвото на човекот што сте го избрале засекогаш (до сега требаше да ви биде тоа утаначено), имате и опција да ви биде пред свадба, или - funnymoon.

И има легитимни причини за тоа.

После свадба сте претепани

Свадбата е сепак забава, а наредниот ден се чувствуваш како да те прегазил камион со сите роднини и пријатели во него. И нема да сакаш да се разбудиш наредното утро во 4 за да фатиш авион, или некоја недела подоцна, па таман кога ќе средиш впечатоци да мораш пак да трчаш некаде.

Се смалува притисокот

Замисли, планираш, се гњавиш, возиш од цвеќарница, па до ресторан, па ѕвониш за торти, бонбони, деверуши и сè што си си накалемил друго околу организација. И замисли во текот на сето тоа да си дозволиш да се тргнеш од сè, некаде на плажа, или на планина, или едноставно - каде што нема да мораш да се слушаш со бендот на секои два дена да се договорите за музиката. Многу фино во однос на ментално здравје.

Последна шанса да препознаеш дали грешиш

Ијан Мекеван во својот роман On Chesil Beach, раскажува приказна за млада двојка чијшто меден месец завршува со катастрофа и поништување на бракот затоа што реално - не се познавале. И кога ќе размислиш, можеби ова откровение треба да се доживее ПРЕД да застанеш пред поп и матичар наместо ПОСЛЕ. Нели, се надеваме дека не ти е прв одмор со идниот брачен партнер, ама ако тебе пат низ Европа ти е пат низ музеи, а него никако не му е за музеи, туку за кафани, може и не сте еден за друг.

Ја претвора свадбата во „врвот”

Како што рековме, свадбите се доста интензивно доживување, па може да е тешко да се надмине филингот на денот - со еден одмор. На овој начин, возбудата ја билдаш пред свадбата, со бегање некаде подалеку, на само, затоа што реално, свадбата е многу повеќе дизајнирана за сите луѓе што ги познаваш (или не ги познаваш, твоите ги познаваат), отколку за тебе и тој другиот до тебе.

И на крај, одговорот на прашањето, зошто да одиш на меден месец пред свадба е: зошто да не? 2019-та сме. Правете што сакате.

1 април 2019 - 17:44