Што ако маж ми ми ја плука книгата на интернет?

Некогаш, во „Драга Савета“ рубриките по интернет се кријат ем неверојатни приказни на граница на трач, ем теми за размислување како оваа, каде што една жена се плаши дека се големи шансите токму нејзиниот сопруг да се крие зад лажните профили што ѝ ја влечкаат инаку успешната книга по интернет-калови.

Проблемот:

После години битка, го објавив последниот роман. Одлични вести - хит е!

Не е огромен хит, но има многу добри критики, има неколку награди и има продадено повеќе примероци од двете мои претходни книги заедно. И со сето ова што се случува, знам дека не треба да се фокусирам на негативноста што ја добивам, но не можам да издржам. Има толку многу злоба насочена кон книгата - дел и на многу лично ниво - на Твитер, Гудридс, Амазон и други ќошеви на интернет. Целата таа омраза често ме доведувала до солзи.

Низ сето ова, мојот сопруг кој е исто така писател е полн со подршка. На моја страна беше за време на долгиот и тежок пишувачки процес, наздравуваше со мене кога почна книгата да привлекува внимание и пофалби за кои тој не би можел ни да сонува и ме снимаше додека правев промотивни видеа за ТикТок. Што е најважно, ме држеше за рака и ме тешеше додека ме малтретираа онлајн. Немаше да успеам без него.

Или, така ми се чини. Од причини што се прекомплицирани за објаснување, почнувам многу да се сомневам дека мојот сопруг користи низа лажни профили за да објавува некои од најнегативните и најсурови коментари за книгата. Всушност, мислам дека е главниот извор на омразата упатена кон мене, веројатно поради љубомора дека постигнав нешто што тој никогаш не би можел.

За жал сум само 85% сигурна дека сум во право. Во минатото, бракот ни страдаше кога тој откри дека сум му ѕиркала во компјутерот и знам дека ако се соочам со него за сомнежите, ќе ме обвини дека му ја нарушувам приватноста повторно. Иако не е така, тешко дека ќе се објаснам со него.

Но, во последно време не можам ни да го погледнам без да ми се слоши од помислата на тоа што може да го пишува за мене и мојата книга. Не можам веќе вака. Што да правам?

Одговорот:

Боже, боже. Од каде да почнам? Да не проверев и да видев дека приказнава е реална, немаше да верувам.

Пред да направиш било што, мораш дефинитивно да знаеш со кого имаш работа. Значи прво, пред да избрзаш - душкај. Наруши му ја приватноста! Нарушувај додека не откриеш дали тие 85% се 100% или основани 0%. Ова нормално никогаш не би го предложила, но во случајов, навистина мораш да знаеш дали маж ти те малтретира на интернет и да му ѕирнеш во лаптоп има многу повеќе смисла отколку да најмиш приватен детектив.

Ако откриеш дека маж ти направил анонимни профили за да те критикува и тебе и книгата, мораш да се соочиш со него. Ако одрекува, а ти имаш недвосмислени докази, бракот ти е, како да ти кажам, сјебан. Нема назад од вакво нешто, ако не се кае за тоа; тоа е социопатско однесување. Всушност, не би ни рекла да се соочиш додека не ги извадиш сите пари од заедничките сметки и не најдеш безбедно место за да преноќиш додека не се снајдеш. Ова е предавство левел-гејм овер, како да ти отрул куче или спиел со сестра ти. Како да ти отрул куче и спиел со сестра ти, па лажел. Ќе мораш веднаш да се оддалечиш од него што е можно повеќе. Извади забрана за пристап! Не можеш ни да претпоставиш на што може да е спремен маж што поминува толку време на Гудридс.

Ако признае и ако покаже каење, патеката ти е покомплицирана. Можеш ли да му простиш? Ова е како случајно да ти го згазил кучето, а на сестра ти ѝ пуштил јазик, па си признал. Само ти знаеш колку ти се инвестира во поправка на врската.

Се разбира, може да откриеш и дека стравовите ти се неосновани. Овде би можело да почне вистинското работење. Покрај причините што велиш дека се прекомплицирани, си размислила зошто тој би го направил ова? Ако и само се сомневаш дека маж ти е способен за ова ниво на предавсво, нешто навистина не е во ред меѓу вас, и треба да се посвети време на тоа, по можност со советник. Велиш, претходно сте имале проблеми затоа што си го шпионирала. Има ли друг дел од врската каде што си открила дека е способен за сериозна дволичност, на пример финансии, неверство или само лажење?

Треба и да се фокусираш - и знам дека е тешко - да го избегнуваш хејтот на интернет. Ја знам таа привлечност да се гуглаш себеси по име, и да си ги читаш критиките со нула ѕвезди. Сѐ сум поминала. Кога се појави Твитер, знаев по цели денови да губам скролајќи по гадостите што луѓето ги зборуваа за мене и мојата прва книга. За среќа, малку пораснав оттогаш и можам подобро да се контролирам. Ако препознаеш дека склоноста кон самоуништување е тоа што те тера да одиш на Гудридс, тогаш тоа е првиот чекор кон промена.

Нормално е да бидеш љубопитна како книгата ти ја примаат читателите и критичарите, но во одреден момент, помудриот пат е да се тргнеш од екранот за да се зачуваш. Како што велат, хејтерите и понатаму ќе хејтаат. А што прават хејтерите не е твоја работа. Да се преокупираш со ова е комплексна форма на прокрастинација. Нема да те доближи до целите, што претпоставувам се да почнеш нова книга.

Како што рече другарка ми Џеми Атенберг, бестселинг автор на најновата 1000Words: „Кога се работи за справување со онлајн хејт: Ако одиш да го бараш, ќе го најдеш. Затоа треба да престанеш да бараш, и за момент да поуживаш во успехот.“

28 март 2024 - 13:23