Неделна доза ентериер:

Шармот на чудните декорации на Мод Смит

Мод Смит е тип на човек што ќе ја прекрие целата кујна со тапи од шишиња и парчиња скршен порцелан. Нема да стави нови плочки во купатило, туку посветено и рачно ќе ја наслика секоја плочка посебно со некој винтиџ-ботанички дизајн. Она што комшијата ќе го фрли на улица, автоматски станува нејзино направи-сам богатство.

Живее во викторијанска куќа во Стоквел, но израсната е кај баба ѝ во Јоркшир - баба што религиозно верувала дека ништо не смее да се фрла. Влијанието ѝ е од Вилијам Морис и Ванеса Бел, од талентираните уметнички умови зад ексцентричната Блумсбери група, англискиот одговор на Изгубената генерација.

Нејзиниот радосно натрупан дом во Лондон е прекриен со Хаус енд Гарден, Телеграф и други списанија, како одобрување за фикс-идеите на сите максималисти принудени да живеат во свет каде што минимализмот е мода. Нејзиниот несовршен, речиси детски сликарски стил охрабрува луѓе што не се баш надарени со четка да ги нападнат досадните плочки во купатило.

Сепак, ако ептен сте тапа, Мод продава плочки и онлајн. И илустрирани крпи. Сѐ е грдо и шармантно.

Сајтот е овде, Инстаграмот на Мод сосе нејзината естетика - овде.

26 август 2021 - 13:13