Некои луѓе од пусти мераци се дотеруваа колку да си направат едно селфи во огледало, па се враќаа назад во пижами, чисто за да не си ја баталат љубовта кон модата, ама ретки се. Сепак, дали тоа што го носиш влијае на продуктивноста и расположението?
Излегува дека dress for success не е само клише - истражувања покажуваат дека начинот на кој се облекуваме влијае на тоа како се чувствуваме. Нели, она чувство кога си нерасположен, па ќе се дотераш, ќе се нашминкаш, и одеднаш е некако - полесно. Ова се должи на фактот што, без разлика во која форма е, да се почастиш себеси со нешто фино многу влијае на нивото на самодоверба, дури и кога тоа е само дотерување со нешто што веќе го имаш дома. А кога си самоуверен, не само што изгледаш подобро, туку и подобро завршуваш задачи.
И носењето едно-те-исто влијае на менталната состојба со тек на време - поголемиот дел од 2020 сме дома и веќе нема дотерување ни за настани ни за работа. Експертите на оваа тема тврдат дека отсуството на рутина многу влијае на менталното здравје, а Ковид драматично влијаеше на рутините што ги имаме. Препорачуваат да се создаде нова рутина, составена од што и да ви одговара - медитација, вежбање, туширање, облекување, шминкање, здрав појадок итн. Ова влегува во склоп на техника што служи за борба со анксиозност и депресија што се вика бихејвиорална активација. И многу е важно да се продолжи со типови на однесување кои ќе ни го подобрат чувството на достигнување и контрола.
Дали е паметно да се пресоблекуваш кога ќе завршиш со работа, без разлика што работиш од дома?
Ако сте работеле на трпезариска маса, истата каде што и ручате, може да ви се чини дека животот на работа и дома не ви е баш јасно одвоен. Затоа и е нормално и очекувано да ве фаќа нервоза. Со креирање на граници денот може повторно да добие смисла - размислете за одредување посебно место каде што ќе работите (ќе биде како одење на работа), а ќе биде одвоено од остатокот од вашиот дом. И во ова помага и промената на облеката - не дека мора да облечете костум за ќошот каде што ви е лаптопот, ама нешто што има форма ќе помогне, особено ако откако ќе завршите со работа имате прилика да влезете во нешто уште поудобно.
Ова можеби не ви доаѓа природно и интуитивно, но паметно е да се разгледа како решение - создавањето граници и промени - па дури и кога само си помагате со облека може многу позитивно да влијае на вашето ментално здравје.