Сега можете да си ги блокирате бившите на Тиндер

Малце е незгодно кога си тазе сингл и се враќаш на Тиндер, за на крај да откриеш дека и некој друг се вратил. Бившите имаат комплетно право исто како тебе да си ги вратат апликациите, ама ако ви се лоши од помислата, сега можете мирно да спиете.

Тиндер објави дека ќе додава ново - да можат да се блокираат контакти, за да не ти излегуваат како match.

Според една студија што ја спроведува самиот Тиндер, 40% од корисниците си нашле поранешен партнер на апликацијата, речиси четвртина од нив имаат начекано член на семејството и 10% си го нашле професорот, па новата функција дефинитивно ќе има заинтересирани. Реално, дали мораме да ги сретнеме романтичните, или бетер - сексуалните интереси на близок член на семејството? Апсолутно не.

Функцијата ќе овозможи да изберете кои контакти сакате да ги банирате, ама можете и цела листа одеднаш ако така ви одговара. Во моментов ја пробуваат во Кореја, Индија и Јапонија, каде што корисниците во просек имаат блокирано по десетина контакти.

„Можеби не можеме да ве спасиме од непријатни средби по кафулиња, ама можеме да ви дадеме поголема контрола врз искуството на Тиндер,“ велат во изјавата. „Ќе пуштиме Блокирај контакти како додатен ресурс за мир на членовите, со тоа што ќе креираме простор ослободен од непријатности, за слободни нови поврзувања.“

Корисноста не завршува тука. За тие што избегале од насилни, токсични врски, ова значи дека имаат еден аутлет помалку за секирации кога се работи за следење онлајн. Но, за да функционира, треба да му овозможиш на Тиндер да ти влезе во контактите, па треба да се внимава на проблемите што настануваат со приватност на податоци. Тиндер тврди дека оваа информација ја чува само за блокирање контакти, но вака и други социјални мрежи викале, па продавале на трети страни.

Ако ви е гајле, тогаш - радувајте се. Комшии, роднини и бивши нема да ве видат. Барем не од нивните телефони.

11 јуни 2021 - 10:22