Сега и хипстери ќе почнат да гледаат хорори?

Кан му изрази почит на култниот хорор-мајстор Џон Карпентер со награда за неговиот придонес во кинематографијата.

За тие што „не глеам ја хорори”, Карпентер е режисер на класици како „Халовин”, „Бегство од Њујорк”, „Магла” и „Кристин” (меѓу другите антологиски) и доби награда Golden Coach од Здружението на француски режисери.

Редно време беше, кога ќе земеш предвид дека Карпентер е истовремено и композитор на музиката во повеќето негови филмови. Настанот пригодно го следела језива електронска музика, се разбира.

Карпентер кажал дека бил фасциниран од начинот на кој ликовите излегуваат од светлечки зраци на филмски проектор уште од неговото прво одење во кино на тригодишна возраст да ги гледа Кетрин Хепберн и Хамфри Богарт во „Африканска кралица”.

„Горд сум,” изјави Карпентер, „што сум дел од тоа пренесување на публиката низ свет на светлина и сенките што се околу него.”

Главната селекција на филмови почна со зомби-екстраваганца, како што ќе речат од Ројтерс, со филмот „Мртвите не умираат”, со, (ама стварно ќе почнат хипстери хорор да гледаат) - Џим Џармуш како режисер, кој пак го наведува токму Карпентер како инспирација.

16 мај 2019 - 12:44