Се продаваат предмети од личната колекција на Одри Хепберн

И на пример, мантилот и куферот баш ви требаат и немојте да викате дека не е точно.

Некои среќни луѓе кои ќе присуствуваат и ќе се наддаваат на аукцијата што ќе биде на 27-ми септември во Лондон ќе си одат дома со досега невидени негативи од фотографии од Одри, со нејзината маска за спиење, уште повозбудливо - со нејзините сценарија за „My Fair Lady” и „Breakfast at Tiffany's”, се разбира, ако се спремни да потрошат илјадници фунти колку што е најчесто почетната цена, а да не правиме муабет за нагоре - како што обично бива на аукција особено од ваков тип.

За упорните и оддалечените, има и онлајн аукција од 19-ти септември до 3-ти октомври, а за тие што само ги интересира што има, еве:

Маска за спиење (не таа од „Појадок...”), ќе биде од 150 фунти нагоре.

Мантилот од оваа слика, што ќе почнува од 6000-9000 фунти.

Картие кутија за пудра, од 4000-6000 фунти, од прилика.

Три пара од нејзините балетанки, од 6000 фунти па нагоре.

Сценаријата, со забелешки, со ракопис, со богатство. Имате 60.000-90.000 фунти? Од толку ќе почне „Појадок кај Тифани”, нешто поевтино (од 30.000 до 50.000) е „My Fair Lady”, а за сиромашните, го има „Сабрина” за 15.000 фунти. Се разбира со додавката 'па нагоре', која се разбира дека ќе важи.

Привезокот од „Paris when it Sizzles”, околу 2-3000 фунти и нотите за Moon River.

Писма до Одри, 400-600 фунти, ко за почеток.

Пишува:

„Драга Одри: Писмово ти го праќам да ти кажам прекрасни и возбудливи вести… Изданието во кое се појавуваш беше „оценето” - нешто што го правиме на секои 3 до 4 месеци и во историјата на Вог - и оценето највисоко!!!! Вог почна од прилика во 1880-та, па можеш да забележиш дека конкуренцијата е голема… Секогаш си најпривлечното суштество што постоело и остануваш елегантна и нежна дете-жена. Праќам љубов и за твојот сопруг и наскоро повторно ќе се видиме, љубов, љубов,

Дајен”

Нејзината камера и телефонот - 2-3000 фунти со 400 фунти.

Куферот со нејзините иницијали, кој што ми е потребен, и е 2000-3000 фунти. Па нагоре.

Досега невидени негативи и фотографии.

Што ќе си купите?

21 септември 2017 - 13:23