Се истрчавме малку со „Тајната вечера“, а?

Кога (само малку, затоа што не може ич) спласнаа масовните предупредувања дека доаѓа ѓаволот, успеа да се издвои по некоја објава околу тоа како навистина биле замислени работите.

Меѓу нив и еден што повеќе се споделуваше затоа што беше краток, а информативен:

„Безглавата жена беше Марија Антоанета. Владееше со Франција и ја осудија за предавство, заговорништво и крадење од земјата.

Познато?

Исто така, не беше Тајната вечера. Беше претставување на античка грчка баханалија… Затоа што знаете, нели, Олимписките игри се антички и грчки.

А инаку, баханалиите биле неконтролирано промискуитетни, екстравагантни и бучни забави. Траеле по неколку дена, каде што се славел богот на виното, Бахус (тој плавиот, обвиткан со винова лоза). Познат е и како Дионис, грчкиот бог на плодноста, а подоцна и на виното и задоволството.

И конечно, не беше Смртта на блед коњ. Беше Секвана, божицата на Сена, реката во која што се движеа бродовите со спортистите. Требаше да го претставува Олимпискиот дух и Секвана.“

Нема сега да се преправаме дека на организаторите им избегала сличноста и со Тајната вечера, но да видиме што вика анализата на сликата, инаку на Јан Харменс ван Беилерт, со наслов Гозбата на боговите:

На Олимп, боговите се собрани за банкет за прослава на венчавката на Тетида и Пелеј. Од лево се Минерва, Дијана, Марс и Венера (на грчки: Атина, Артемида, Арес и Афродита) заедно со Љубовта. Флора, божицата на пролетта е зад нив. Крунисаниот Аполон, препознатлив по лирата (и на отварањето во средина, драг-кралицата беше крунисана и - и - ПУШТАШЕ МУЗИКА!) седи во центарот на масата. Понатаму се гледа Херкул и Нептун (грчки: Посејдон) со тризабецот. Десно на крај, Ерида има ставено јаболко на раздорот на масата. Некои богови фалат, веројатно затоа што платното трпело сечење; тоа се познава по присуството на паунот на Јунона (грчки: Хера). Темата на гозбата била популарна во Холандија.

Авторот бил импресиониран од уметноста на Караваџо. Сатирот што танцува пред масата и Бахус (грчки: Дионис) што лежи напред со грозје се однесува на натурализмот: кожа, тела блиску едно до друго, неортодоксно поставени.

И не е дека го голтнала темнината од што бил заинтересиран за вакви работи. На Беилерт му поминала Караваџо-фазата и накај 1630 се заинтересирал за класицизам.

Помирно ли е вака?

29 јули 2024 - 13:02