На Инстаграм почна кампањата со Џиџи Хадид во главна улога и конечно може да се види палетата на бои - има светкаво, металик, златно и сребрено, во контраст на многу неутрални бои. И со оглед на тоа што немаме H&M, ако инсистирате да имате бар еден момент од оваа историска соработка, предлагам да земете еден шатор и да одите во најблиската комшиска држава што ќе учествува во оваа историја каде што се спојуваат евтино и скапо. Инаку, ќе ви отиде сè, исто како што отидоа сите патики со автопортретот на Ван Гог, а којзнае кога и каде пак ќе ги има. Некаде пишува дека можат да се купат во гифт шопот на Ван Гог музејот во Амстердам, па еве, да видиме што викаат карти за Амстердам…
Да не забегуваме од темата, значи, H&M и Москино:
Официјалниот допис го поздравува „иконичниот италијански бренд на кој Џереми Скот му вбризга нова поп енергија откако стана креативен директор во 2013-та.” Фановите можат да очекуваат „виталност, игривост и хумор” од колекцијата на Москино, со „сите додатоци и уште некое изненадување.”
Претходните соработки на H&M со дизајнери се Балман, Карл Лагерфелд (со најдобрата реклама на светот), Стела Макартни, Александар Ванг, Версаче, Ердем и Марни.
Како што рековме, шаторот и гугл: во кој најблизок H&M доаѓа Москино.