Во обид за размрдување еднакво глуп како идејата дека Рејчел и Џои треба да завршат заедно, во еден момент, продуцентите и сценаристите на серијата смислиле Чендлер да ја изневери Моника.
Се работи за петта сезона и епизодите во Лас Вегас - од планиран романтичен викенд, станува ужасен, затоа што Чендлер дознава дека Моника била на ручек со Ричард.
Се отишло до тој степен, што освен сценарио, била ангажирана и цела глумица, Лиса Кеш, со која Пери вежбал и пробувал. Додека се скарани и додека Моника се коцка во казиното, ликот на Лиса Кеш требало да донесе нешто во собата на Чендлер, да се замуабетат, да кликнат и да се смуваат.
Сепак, за среќа на публиката и иднината на серијата (и за несреќа на глумицата што мислела дека ќе има повеќе од еден ред муабет) Метју Пери решил да разговара со сценаристите. Им рекол дека публиката никогаш не би му го простила тоа на Чендлер и дека, за разлика од Рос и Рејчел кои беа на пауза, Чендлер и Моника не беа.
На крај, сепак се смируваат во епизодата, а на несудената швалерка продукцијата ѝ дава улога како стјуардеса во авион.