Салман Ружди: „Обидите да се цензурира Џејмс Бонд се речиси комични“

Авторот испрати видео порака на Британските книжевни награди каде што и самиот доби награда.

Салман Ружди имаше ретко јавно обраќање каде што предупреди против постојаните напади против слободата на изразување на запад, девет месеци откако беше нападнат и повреден на сцена.

Наградата која ја доби (иронично или не) се вика Слобода на објавување, а се доделува на писатели, издавачи и продавачи на книги кои прават исклучителни потези за слободата на изразување и покрај постојаните закани со кои се соочуваат.

За време на говорот, Ружди ги истакна обидите да се цензурираат дела од автори како Роалд Дал и Иан Флеминг, велејќи дека недамнешните обиди од страна на издавачите да го направат Џејмс Бонд на Флеминг политички покоректен се „речиси комични“.

„Морам да кажам дека е алармантно што гледам како издавачи уништуваат дела на луѓе како Роалд Дал и Иан Флеминг,“ рече тој. „Идејата дека Џејмс Бонд може да се направи политички коректен е речиси комична. Мислам дека мора на ова да се даде отпор. Книгите нам мораат да ни дојдат од нивното време и да бидат од своето време, и ако тоа е тешко да се прифати, тогаш не ги читајте. Читајте друга книга, но не го преправајте делото за да функционира во рамки на ставовите на денешницата.“

Пафин УК неодамна се повлече од цензурата на детски книги од Роалд Дал каде што се повлекуваа зборови како „дебел“ и се уредуваа делови од текст за кои издавачот сметаше дека се навредливи. Но, после интервенција од страна на кралицата Камила, од Пафин рекоа дека ќе објават и цензурирана и нецензурирана верзија.

Ружди инаку помина години во криење со полициска заштита, поради фатвата фрлена на него, поради наводна бласфемија со неговиот роман „Сатански стихови“.

Во август лани го нападна непознат човек на сцена на книжевен фестивал во Њујорк и го изгуби окото и доби оштетување на нервите на едната рака.

Во неговиот говор предупреди дека слободата на изразување е пред најголемата закана во неговиот животен век.

„Живееме во момент, ми се чини, кога слободата на изразување, слободата на објавување никогаш во мојот живот не била под ваква закана во западните земји,“ рече тој.

23 мај 2023 - 00:00