- Непознат маж со нож го нападнал писателот Салман Ружди (75) додека познатиот писател држел предавање на сцена во државата Њујорк. Очевидци велат дека бил избоден неколку пати во вратот од напаѓач кој носел маска, а кој во меѓувреме е уапсен. Во моментов мотивите за инцидентот се уште не се разјаснети.
- Ружди добил прва помош на сцената на Институцијата Шатаква, центар за уметност и образование, а потоа бил пренесен во болница со хелихоптер каде со часови траат хируршките зафати.
- Ружди се соочуваше со смртни закани и живееше под заштита речиси цела деценија по издавањето на неговата книга „Сатански стихови“ во 1988. По најновиот инцидент голем број негови колеги, меѓу кои Стивен Кинг, Џ.К. Роулинг, Нил Гејман и други објавија реакции на социјалните мрежи.
- Здружението „Зборци“ ја организира годинешната „Зборотворба на годината“ манифестација посветена на македонскиот јазик, зборообразувањето, книжевноста и музиката, која ќе се одржи на 12 септември (сабота), со почеток во 19:00 часот, во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Влезот е бесплатен.
- Настанот ќе започне во 19:00 часот со дискусија на тема „Озборување“, чиј модератор ќе биде Виктор Бучковски. Темата поаѓа од идејата дека озборувањето, иако најчесто се разбира негативно, е една од најстарите и најприсутните форми на човечка комуникација и важен дел од начинот на кој преку јазикот градиме блискост, доверба и правила во заедницата.
- По дискусијата следува музичката програма, замислена како спој на различни генерации, жанрови и изрази од македонската сцена. Во 20:15 часот ќе настапи Женскиот младински хор при МКЦ, во 20:45 часот Лидија Кочовска и Јоргуш, во 21:30 часот Вец Вајс Верс, а во 22:00 часот „Животни“. Во 23:00 часот следува заедничкиот настап на Принцес Донатсу и Донплеја со Битолскиот камерен оркестар, додека вечерта во 00:00 часот ќе ја заокружат „Маратонци“.
- За изборот на победничките зборови годинава одлучува жири-комисија составена од луѓе што доаѓаат од различни области. При изборот предност ќе имаат зборотворби што имаат шанса да фатат корен во секојдневниот говор, зборови што можат да понудат домашен еквивалент на постоечки интернационализми, како и креативни решенија во кои звучноста и употребливоста се среќаваат во природна целина.
Да се потсетиме на ланскиот победник - „стивнина“.
- Од 9 до 15 септември, во Отешево ќе се одржи петтото издание на „Зрно“ – фестивалот за алтернативна фотографија, кој повторно ќе собере фотографи од Македонија и од повеќе европски земји. Во текот на работилниците, околу 30 учесници од Германија, Австрија, Унгарија, Словенија, Романија, Хрватска, Турција, Украина, Србија и Македонија ќе работат со различни аналогни и алтернативни техники, ќе разменуваат искуства и ќе учат едни од други.
- Покрај работилниците, петтото издание носи и јавна програма. На 11 септември, во Центарот за култура во Ресен, ќе бидат отворени изложби на Андраш Согор од Будимпешта и Тома Димовски од Скопје, по што ќе следува филмска проекција.
- На 12 септември, програмата продолжува на плажата во Отешево, каде Мартина Пенева ќе одржи DJ-сет „Зајдисонце и нова месечина“. Со работилниците и јавната програма, „Зрно“ и оваа година ги поврзува фотографијата, експериментот, природата и луѓето кои сакаат да создаваат и да размислуваат за фотографијата на поинаков начин.