Ни треба ли вакво?

Розеви паркинзи, резервирани за жени

Не можеш да ги промашиш: паркинг простори обележани со розеви граници, со штикли или розеви фигури со мини-сукњи на нив, и напишано „Прво жени паркираат” на англиски и корејски.

Од прва кога ќе го видиш знакот „ве молиме оставете го овој простор за женски возачи” те мава еден сомнеж, од навика, нешто како „демек, не знаат да возат па пуштете ги нив први?!”, но всушност се работи за нешто многу посимпатично.

Обично се подобро осветлени и поблиску до влезовите во згради и други простори; често направени од материјали кои се попријателски настроени кон штикли од некои други.

Ли, канцелариска службеничка што од City Lab ја среќаваат на пауза за ручек со колешка, многу ги сака овие женски паркинзи, кои во Сеул се појавуваат уште во 2009-та. Има повеќе од 4000 такви во градот, како дел од проект вреден 75 милиони долари, со цел да се направи Сеул подостапен за жени. Во проектот биле предвидени и илјадници нови јавни тоалети низ градот.

„Удобно е кога одиме до продавница,” вели Ли. „Блиску сме до влезот и полесно е кога носиме торби. И полесно е за жени што доаѓаат со деца.”

Сеул не е пионер, концептот прв пат почнува во Германија во 1990-та. Неколку градови во Кина и Индонезија исто имаат простор означен за жени-возачи. Во Сеул предност им се дава на жените, но не значи дека и мажи не смеат да се паркираат таму. Во еден ден може да се начека еднаков број на мажи и жени паркирани на тие места.

Доаѓаме до непријатниот дел, односно критиките што овој концепт ги добива од јавноста, што заради розевата боја, што заради поширокиот обезбеден простор (што како да сака да каже: послаби вештини за паркирање). На жителите на Сеул им е скандал, особено после #MeToo движењето што во Кореја доби многу голема популарност, па владата вети дека одново ќе ги проценува законите за сексуални напади. Од друга страна, многумина ги гледаат женските паркинзи како напор да се обезбеди побезбедно движење. Годинава, на пример, во метрото во Сеул се инсталираа „scream sensors”, баш „сензори за вресок”, кои се дизајнирани автоматски да детектираат викање за помош. Ги има во женски тоалети на неколку метро станици.

Јае-вон Ко, 35-годишен продавач од Сеул, мисли дека ваквите места за паркинг се секако потребни за да се спречи насилство врз жените. „Сè што може да се направи е супер,” вели тој. Но сепак, не оддолева да додаде и еден боцкачки коментар: „Некои жени не се баш добри шофери.”

Сеок-хјун Ким, бизнисмен, пак смета дека тоа што просторот е поголем не алудира на лоши возачи. Вели дека просторот е поголем за да им биде полесно на жени со деца и многу за носење, не затоа што не знаат да возат. „Секој за себе,” вели тој. „Жена ми е многу добар шофер.”

Ли од погоре се согласува. Вели дека многу жени (и мажи) учат да возат во Сеул, кој сам по себе има предизвикувачка возачка култура и сè уште не се снаоѓаат многу добро со паркинг.

Кај нас не дека не знаат да се снајдат (иако често не знаат), туку повеќе ги мава на некоја креативност и такмичење да се најде најфината трева, најбитниот влез или најблискиот тротоар. А дали е шовинистички? Па, толку многу кубуриме со паркинг што, розево или не, широко или не, нас ќе ни дојде ко порачано.

Само што, погодете дали ќе се почитува „ве молиме оставете го овој простор за женски возачи.”

25 мај 2018 - 16:58