Рошин Марфи е прејака за да добие кансел

Успехот на нејзиниот албум е пораз за транс-лобито што се обиде да ја фрли во заборав.

Рошин Марфи беше жртва на лов (на вештерки) откако јавно кажа дека е против користење на експериментални блокатори на пубертет за „родово-збунети деца“. На нејзината приватна Фејсбук-страница напиша дека е „заебано“ да им се даваат вакви лекови на „помешани деца“.

Ова не требаше да биде контроверзна изјава, со оглед на се поголемото брдо докази дека блокаторите на пубертет можат да предизвикаат сериозна штета кај младите - ставајќи ги на патека кон неповратни хируршки третмани и можност за неплодност и недоволен развој на мозокот. И покрај тоа, транс-активистите сепак лансираа масовна кампања против неа. Со денови Марфи беше трендинг на Х, фановите се откажуваа од неа, два концерти во Лондон ѝ откажаа. Се зборуваше и дека нејзиниот издавач ќе престане со маркетингот и промоцијата за новиот албум (или дека ќе ги донира средствата на про-транс добротворни организации, но Марфи ги отфрли овие тврдења). По некое време се извини и кажа дека зажалила што „претерала“ и дека ѝ е жал што предизвикала вознемиреност кај фановите.

Сите знаци укажуваа дека следи уште еден кансел за славна личност, но минатата недела излезе албумот. И тогаш, бојкотот на кој толку многу луѓе повикуваа не успеа да се материјализира: Наместо тоа, масовно се купуваше Hit Parade, стигна до второ место на британските топ листи и стана најдобар албум во нејзината кариера досега. Во еден момент, трендинг на Х беше и #IStandWithRoisinMurphy.

Сепак, иако контроверзите помогнаа со маркетинг, успехот на албумот главно се должи на квалитет - добива одлични критики, па дури и Гардијан што е сојузник на транс-активистите призна дека е „мајсторски, иако има грда дамка поради изјавите за блокатори на пубертет“.

Ужасниот третман што го доби Марфи освести други уметници - ирскиот писател Џон Бојн, автор на „Момчето со пижами на риги“ напиша дека приказната со Марфи е „последната капка што ја прелеа чашата“ за него во однос на прашањата на трансродовите лица. Истакна дека онлајн активистите се обиделе да го уништат животот на една жена што нема направено ништо освен што побарала ранливите деца да бидат заштитени.

За смртта на кансел-културата е рано да се зборува, но барем почнуваат да се гледаат нијансите.

9 октомври 2023 - 00:00