Ако го пребарате хаштагот #shadowwork, ќе најдете многу клипови со неверојатни бројки на прегледи. Некои даваат едноставни совети, некои идеи за водење дневник како „напиши пет нешта што ги сакаш кај себе“, а други навлегуваат подлабоко во анализирање на внатрешното дете и неговите незалечени рани - вина, напуштање, доверба и негрижа. Со други зборови, одвојуваш време да поработиш на мрачната страна или страната што ти е во сенка, за да станеш поздрав и попозитивен, или во рамки на трендот - да достигнеш повисока верзија од себе.
Минатата година self-care дискурсот како да доби нозе. Се појавија статии што повикуваа на легнување рано, долго бањање во када и прошетки во природа. Нѐ бомбардираа кај и да се свртиме и стануваа се понеподносливи, но комбинацијата од интроспекција поттикната од изолацијата и срушените рекорди на време поминато пред екрани доведе многумина да најдат утеха во онлајн заедници кои охрабруваат на поинаква форма на грижа за себе.
Идејата на „ти во сенка“ ја популаризира Карл Јунг - ја предлага идејата дека „нема светлина без сенка и нема психичка целовитост без несовршенство.“ Оваа интроспективна психолошка пракса датира до раните 1900-ти и во основа значи доведување на несвесниот ум до површината на свеста.
Според Јунг, личната сенка е она себе од кое сме се откажале, себе кое се состои главно од примитивни и негативни човечки емоции и импулси. Овде влегуваат нашите најнеприкладни квалитети како бес, себичност и љубомора. И бидејќи се оградуваме од нив, се мачиме да ги согледаме кај себе.
@sammimaria Bants #cottoncandy #selfdevelopment #shadowwork #socialanxiety
♬ оригинальный звук - Lerushka👐🏼
Или преку внимавање на специфичните начини на кои реагира на луѓето и ситуациите за да биде повнимателен и поздрав во реакциите, или преку одредени прашања, човек може да почне да ги идентификува повторувачките теми и шаблони. Главната идеја зад работата во сенка е: не е до тебе, до мене е.
„Бидејќи е интроспективно исксутво, нема правила за тоа како треба да му се пристапи,“ објаснува Килин, 23-годишна јутјуберка чие видео „everything you need to know about shadow work“ е прегледано речиси 20.000 пати. „За да почнам, земав 15 идеи од различни ресурси што треба да ги завршам во одреден период. Од овде научив да поставувам прашања за она што го правам и размислувам, што е под влијание на моето опкружување и воспитување.“
Според еден извештај од добротворната организација Мајнд, „повеќе од половина од возрасните и речиси две третини од младите велат дека нивното ментално здравје се нарушило за време на локдауните и рестрикциите.“ А на некој начин, „работата во сенка“ се смета за чекор до терапија - луѓето што се решени да работат на себе, работат и во сенка и со терапевт. И општиот совет на новото време е да се обидеме со првото доколку не сме спремни или не можеме да си го дозволиме второто.
Се разбира, комплексноста и важноста на менталното здравје и адекватните услуги никако не смеат да се потценат. Има јасна и значителна разлика меѓу тие што страдаат од сериозни нарушувања и психолошка траума и оние кои едноставно бараат начин подобро да се разберат самите себе и нивните дела. Различни форми на терапија често знаат да вклучуваат елементи на работа во сенка, нудејќи безбеден простор каде клиентите ќе можат да се соочат со тешките аспекти на нивните животи и самите себе - аспекти кои можеби би им дошле премногу тешки без професионална подршка.
„Општо гледано, не мислам дека луѓето се толку кревки, не мислам дека водење дневник или правење вежби за умот би создало огромни проблеми,“ вели психотерапевтката и авторка Ими Ло. „Ако е личен развој, не гледам проблем, но сепак постојат одредени работи што се потешки. Траума или психоза на пример. Тогаш треба да посетите професионалец.“
Без да ја поткопува валидноста, Ими истакнува колку е важно да не се смета на тоа дека традиционалната терапија и личната работа во сенка можат да се заменат една со друга.
Самата пракса е исклучително приватна и лична, но споделувањето на содржини поврзани со работа во сенка на социјални мрежи помагаат да се промовира идејата дека грижата за себе не е само конзумеристичко-капиталистички концепт, туку во едно неолиберално општество што профитира од тоа што нѐ врти сите еден против друг, повеќето од нас навистина би нашле помош во одучувањето од токсични ставови и однесувања.
Без разлика дали ќе го наречеме спиритуално освестување, или личен развој, на крај сепак, работата во сенка е конфронтирачка и неудобна бидејќи се однесува на најлошите аспекти од нас, паралелно со славење на најдобрите. Дури и психолошки најздравите меѓу нас веројатно влечат некоја петар-пановска сенка што едвај чека да ги сопне. Да препознаеш дека имаш таква сенка е првиот чекор, без разлика дали ќе го направиш тоа со професионален терапевт или некој ќе те посоветува на социјална мрежа. Работата на себе носи само придобивки.