Прва ревија на Шанел после Лагерфелд

Виржини Виар работеше со Лагерфелд во Шанел над 30 години, но дури денес ја имаше својата прва соло колекција откако Карл отиде во вечни ловишта во февруари.

Со ревијата Cruise 2020 во Париз, Виар ја почна новата ера на Шанел, истовремено останувајќи верна на визијата на Лагерфелд.

Темата

Лагерфелд беше познат по претерување со организација на ревиите на Шанел (нели, Дизниленд за возрасни) во најдобра можна смисла, па за Cruise 2020, се сместија на железничка станица, а манекенките шетаа по перонот. А според брендот, концептот сака да „вети авантура”.

Колекцијата

Имаше 79 комбинации на писта - колекцијата на Виар има свеж пристап кон твид и костими (нели, Шанел), и со тоа ги содржи и Карл и Коко. Но, во новата ера, како да обрнуваат повеќе внимание на женственоста, со помош на машни, каиши и фустани.

Неколку комбинации беа во чест на ’80-тите - од светли сакоа, панталони со лого и големи блејзери од твид.

За тие со мерак по француска ривиера - шарени џемпери и марами како на Џеки Оназис, на пример.

Од досадното, имаше пастелни бои и на женствени костуми и на разлетани фустани со принтови.

Завршија со класични црно-бели комбинации и по некоја апликација во 3Д, како за крај.

И се разбира, новите Шанел ташни - Виар вметнува нови елементи на класичните ташни што ги знаеме.

Во основа, после Карл веќе ништо нема да биде исто, а Виар ја нема (барем сè уште не ја покажала) таа бесна, дива-страна што го направи него рок-ѕвезда меѓу модните дизајнери. Сепак, вреди да се почека и да се види како после 30 години ќе се развива Шанел. Во моментов се пишува историја, а нам ни останува да седнеме и да следиме, затоа што - ова ветува, на еден специфичен начин, како да сака да каже „не отстапува Шанел од тоа што значи Шанел, ама еве видете како сè можеме тоа да го изведеме).

7 мај 2019 - 13:16