Приказна за раскинување со комплетен идиот

Приказната на Илиса за дечкото (мочкото) што ја малтретира од нејзина, замислете, 13-годишна возраст, ја видоа околу 8 милиони луѓе, и важно е да ја видат што е можно повеќе. Не, „комплетен идиот” е премногу благо кажано. Предатор, манипулатор и, законски гледано - педофил.

Наивно почнува. Девојката е студент по уметност и приказната ја раскажува преку едноставна анимација, што почнува дури и комично за да нè воведе во приказна што е сè само не комична. И служи како поука не само за родители на (мали) тинејџери што треба шест пара очи да отворат за секое чудно однесување кај нивното дете, плус неговите активности на интернет, туку и за жени многу повозрасни од главниот, за жал, реален лик.

Затоа што, малтретирање, манипулирање и злоставување во БИЛО КОЈ однос е НЕПРИФАТЛИВО.

А ако мора да има градација на одвратност, најнеприфатливо е кога возрасен манипулира со дете.

Начинот на кој започнува „врската” е неконвенционален со оглед на тоа што за кратко време стануваат „дечко и девојка”. Начинот на кои главните ликови упаѓаат во неа, како еден тип од 17 години што вози, работи и се запишува на факултет, и девојче од 13 години што е толку мало и наивно, што симпатија и е Кову од „Кралот лав 2” е крајно конвенционален: предатор почнува разговор со дете на интернет.

Прво се „пријатели.” Црепот е толку унапред гаден, што со време бара „да не каже на родителите” затоа што „они не би го разбрале нивното пријателство.” Од старт се прикажува како „жртва на девојка што го блокирала, а тој само сакал да се дружи.”

А да, пред да почне со било што, ѝ дава комплимент, како постар и поискусен, за тоа што ѝ е најбитно во моментот - цртежите. Значи, ДЕТЕ!

Разговорот почнува на социјална мрежа за илустратори. Од таму оди на АОЛ месинџер, па на Скајп, па пораки, па телефонски повици. Трае со години.

Од пријатели (уште пред да се сретнат), типот одлучува дека се „дечко и девојка”. Како такви, имаат проблеми, и не се тоа проблеми од типот „зошто не ми се јавуваш, скар”, туку

Зошто не ми се јавуваш

Зошто седиш со твоите

Зошто одиш на пливање

Зошто се дружиш со другарките

Зошто одиш на прослава за матура

Кој ги ебе твоите

Глупи ти се другарките

Ќе се убијам

Да ми се јавеше, немаше да дојде до ова

И други слични одвратни работи.

Најгадното? Прати ми слики каде што си гола. И пропратни закани со самоубиство ако не го направи тоа.

Ликот на Илиса во анимацијата е спремен на сите коментари што може да ги добие, а ги претставува во вид на едно анимирано човече што нонстоп мудрува со „па можеше да кажеш не, можеше да кажеш на твоите, можеше да го пријавиш, требаше да ти текне, што го трпиш, мене тоа никогаш не би ми се случило…”

А реалноста е дека се случува секој ден.

Откако ќе ја објасни приказната, чија што сериозност е ублажена со нејзиниот симпатичен артворк и ведрите коментари, преминува на второ видео, втор дел, поважен: Како прекинува сè.

Во еден бизарен сплет на настани, доаѓа кај него дома, со мајка ѝ, да се запознаат и со него и со родителите, прв пат.

Ова затоа што не им кажува на нејзините за колку језива врска се работи, плус затоа што тој манипулира со нејзе, со финти, со емотивни уцени да се запише на факултет поблиску до него, што тој го има избрано.

Првата работа што ѝ текнува кога ќе го види, прв пат во живот?

„А добро, овој можам да го искршам.”

Ни грам задоволство, до толку е систематски завиткана во пајакова мрежа од мала. Типот е 20 кила, слабичок и глуп. Но секако сè уште моќен во однос на неговата жртва - одат на прв дејт, се однесува крајно неприкладно во кино и ја уценува да се муваат во кола. Иако вели дека милион пати му кажала не, ја носи и на потемно и поосамено место и имаат однос. Против нејзина волја.

За цело ова време, таа мисли дека не може да пријави и дека е сама крива. Не давала отпор, нема модринки, не е тепана и нема докази.

Се запишува на факултет и голготата сè уште трае.

Откако ќе види дека животот може да биде поубав, со пријатели и фини луѓе, решава дека ќе прекине. Следат милиони пораки и повици со „умри”, „ќе се убијам” и слично.

Цркни будало, мислам, стварно.

Уште една многу силна поента во приказната:

Решава дека ќе пријави. Полицаецот што ја пречекува НЕ Ѝ ВЕРУВА.

Среќа, ѝ успева од втор пат, со нормален полицаец, само што, докази нема. Чисто како илустрација за тоа колку вакви злосторства и малтретирања поминуваат неказнето затоа што 1) Џандарот е гомно, 2) немаш докази. Да, можела да ги покаже пораките, ама типот во секое време може да каже „не се одлогирав, некој друг седнал кај мене на компјутер/телефон.”

Крајот на приказната е среќен, барем за неа. Го нема веќе. Принудена е да го следи на социјални мрежи за да може да ги избегнува местата каде што е тој. Инсистира дека не сакала да се префрли на факултет во друга држава затоа што тоа би била уште една одлука направена заради него. И на крај, одлучува да ја сподели приказната со светот за секое 13-годишно девојче вљубено во Кову од „Кралот лав 2” да знае дека ИМА излез. И дека нема ништо моќно во возрасен маж што единствено го бива за манипулација со некој што на кој и да е начин е послаб од него.

Прв дел:

Втор дел:

13 декември 2018 - 16:04