Имаме долга сукња, тесна кај глуждовите, врзана кај колената и со додадени карнери на дното. Толку била тешка за носење, што жените изглеале како да страдаат од некаков физички недостаток. Затоа и името - hobble, или криви, накривува.
Се наметнува прашањето: Во време кога суфражетките почнуваат да се борат за своите права и слободи, зошто жените своеволно прифатиле тренд што физички ги заглавува во слободно движење? Што би предизвикало едно такво мазохистичко модно поглавје?
Дури ни медиумите не се воздржале од исмејување на непрактичниот, па дури и опасен тренд. Се растуриле од сатиризирање: на 12 јуни, 1910, еден наслов во весник вели,
„Хобл-от е последниот изрод во женската мода; Здолништата се толку тесни околу глуждовите што движењето е сериозно нарушено, а брзината е невозможна.“
За ова е виновен Пол Поаре, кој наводно се инспирирал од Вилбур Рајт и актерката Едит Берг што ја повозел со авион во 1908. Имено, за нејзината голема сукња да не ѝ отиде преку глава, Вилбур ѝ врзал јаже преку неа, околу глуждовите. Кога се симнала, новинарите побрзале да ја пренесат како првата жена што се возела со авион. На Пол Поаре се смета дека му се бендисала драмата околу овој настан, па решил да почне модна ера што за среќа не се продолжила до денес.
Сепак, има уште еден значаен фактор во популарноста на хобл-от: оној што ја носи. Улогата на модна ентузијастка од 1908 никако не смее да се занемари во оваа драма; корсетите губат моментум, скромноста оди во минатото и еманципираната жена почнува да ги витка правилата и самоуверено да експериментира со мода. Секако дека жените сфатиле дека сукњата е тешка за носење, но сфатиле и дека е дијаметрална спротивност од нејзината претходничка, па нормално дека „ќе ја носам и ќе прашам дали има уште за носење.“
Можеби најнеочекуваното, но значајно влијание на хобл-сукњата е поврзано со - Кока Кола. Во 1915, Кока Кола го патентира познатото стаклено шише и се вика Hobbleskirt и до денес, Кока Кола си кажува дека шишето е моделирано по хобл-сукњата, или барем по женската силуета што била најпопуларна во тоа време.
Овој моден крик замира со почетокот на Првата светска војна, со оглед на тоа што немало простор за седење или елитистички експерименти кога сите се мобилизирале. Неколу децении подоцна, во 1940-те, Кристијан Диор одново ја откопува и прави уште некој карнер. Потоа, го создава тоа што денес се вика „молив-сукња“:
А благодарение на хобл, на сцена стапува фасцинацијата со женските нозе, краткото и лабавите флаперски фустани што ги ослободуваат жените после војната.